Улица „Марко Марулиќ“ – живот на граница | Европа | DW | 19.11.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Улица „Марко Марулиќ“ – живот на граница

Граничната полиција на БиХ и на Хрватска на крајот на Метковиќ извршува необична задача. Таа патролира на средина на улица, која воедно е и граница не само на две држави, туку и на ЕУ со остатокот од континентот.

Како да не им се отежнува животот на жителите на оваа улица со постојаната контрола на нивните документи, а во исто време да се спречи улицата да се користи за криумчарење на луѓе и стока? Тоа е прашање со кое граничните полицајци од Босна и Херцеговина и Хрватска се сретнуваат секојдневно, работејќи во Метковиќ, на улицата „Марко Марулиќ“. Можеби одговорот на тоа најдобро го знаат самите жители на оваа необична улица.

Малку во ЕУ, па малку назад

Петра Павловиќ ја затекнавме како подготвува роденденска забава заедно со пријателките во куќата на баба и’ во улицата „Марко Марулиќ“, на периферијата од Метковиќ. Кога ќе излезе од дворот на куќата на баба и’, која се наоѓа во Босна и Херцеговина, Петра влегува во Европската унија. Но, Петра вели дека тоа не и’ е невообичаено.

„Многупати ја минувам улицата. Кога одам на училиште барем два или трипати дневно ја минувам улицата, односно границата, и немам чувство дека минувам од една во друга земја“, вели Петра.

Bosnien und Herzegowina - Grenze Metkovic

Јадранка Доминиковиќ на граница

Вообичаено е планините или реките да се граници на државите, па така не е вообичаено границата да минува низ една градска улица. Таков е случајот со улицата „Марко Марулиќ“. Жителите од источната страна на улицата се граѓани на Босна и Херцеговина, додека оние кои живеат на другата страна се граѓани на Хрватска, односно ЕУ.

Давор и неговата мајка Јадранка Доминиковиќ живеат на јужната страна од улицата – во Хрватска. Тие постојано одат во Босна и Херцеговина, секогаш кога ќе ја минат улицата во која живеат. Тие велат дека при минувањето на улицата граничната полицијата не им бара погранични пропусници, иако тие за секој случај ги имаат кај себе.

Чувствителна задача

Иако нема гранични ознаки, Давор точно знае каде е границата меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска.

„Е, тоа е точно тука“, ни ја покажува Давор оградата од соседниот двор. „Сега сме во Хрватска, а кога ќе зачекориме овде веќе сме во Босна и Херцеговина“, вели Давор.

Неговата мајка вели дека во улицата се живее нормално, иако нејзините жители се нашле во ситуација која е невообичаена.

„Се живее како што се живееше и порано, само ете малку почесто патролира полицијата, а друго нешто нема. По леб одиме во продавницата преку патот, бидејќи ни е најблиску. Нас горе-долу сите полицајци не познаваат и сите имаме пропусници“, вели Јадранка.

Полицајците тука имаат чувствителна задача. Како да не им го отежнуваат животот на жителите во улицата, кога тие минуваат од една на друга страна, со постојани котроли на личните документи, а во исто време да се извршува должноста? Командирот на граничната полиција во Метковиќ, Зоран Пулиќ, објаснува како го решава овој предизвик.

Bosnien und Herzegowina - Grenze Metkovic

Анте Јурковиќ

„Јас таму, во тоа погранично подрачје, ги поставив сите стари и искусни полицајци, кои го познаваат месното население. Не сум ставил некои од Славонија, кои дошле пред еден месец, за да не ги малтретираат луѓето. И тоа функционира нормално, сосема нормално. А, криумчарите ги претресуваме и им ја одземаме стоката. Ние имаме своја евиденција. Значи, криумчарите мораат да бидат загрижени, а нормалните луѓе нека живеат нормално“, вели Пулиќ.

Грижа поради границата

Анте Јурковиќ од Габела Поље не се жали од полицијата. Неколкупати ја минува границата и не му е тешко, ако треба, да ја покаже пограничната пропусница. Но, тешко му е што таму воопшто има граница.

„Чувствуваме некој товар на грбот. Понижени сме, убиени сме во душата, бидејќи сега имаме некои нови мерки кои не можеме да ги сфатиме. Ова овде е еден народ. Ние гравитираме кон Метковиќ, се’ ми е во Метковиќ, целиот мој живот, и сега одеднаш кога сум тука, морам да имам пропусница, бидејќи полицаецот е во право кога ме прашува дали сум јас тука граѓанин на Босна и Херцеговина“, вели Анте.

Полицискиот началник Пулиќ вели дека со колегите од Босна и Херцеговина барем еднаш месечно одржува состанок со жителите на улицата „Марко Марулиќ“, за да ги решат проблемите кои би можеле да се појават кога се живее во ваква необична улица – улица на граница.