1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Украинскиот парламент утре ќе донесе решение во врска со кризата?

Украинскиот парламент на денешното заседание не донесе никакво решение во врска со барањето за изгласување недоверба на владата на премиерот и аспирант на претседателската функција Виктор Јанукович, поради фалсификување на изборите. Солана повторно оди во Киев, а канцеларот Шредер уште еднаш телефонски разговарал со рускиот претседател Путин.

Демонстрации пред парламентот во Киев

Демонстрации пред парламентот во Киев

Пратениците во украинскиот парламент не можеа да постигнат согласност по низа поднесени предлози, меѓу нив и барањето за изгласување недоверба поднесено од опозицијата. Демонстрантите – приврзеници на опозицијата потоа ги пробија барикадите пред зградата, но опозициониот политичар Микола Томенко ги повика да не го блокираат парламентот и да му дадат шанса, а повторно да постават блокади околу зградата на владата. Претседателот на парламентот Владимир Литвин упати апел да не се врши упад во парламентот и најави за утре донесување решение кое ќе ги задоволи сите во Украина.

Виктор Јанукович, засега официјално победник на изборите, во случај на потврда на неговата изборна победа му подава рака на лидерот на опозицијата Виктор Јушченко: “Подготвен сум да го предложам за премиер, тоа според новиот устав фактички ќе биде прва личност во нашата држава”.

Референдумот за автономија на источните делови на земјата засега е одложен, наводно за да бил почитуван законскиот рок за негово најавување. Во меѓувреме Советот за национална безбедност отвори кривична истрага во врска со прашањето дали е загрозен територијалниот интегритет на земјата.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана денеска повторно оди во посредничка мисија во Украина, а потоа ќе продолжи за Москва. Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер, изрично фалејќи го посредничкиот ангажман на Солана, ги отфрли приговорите за едностран став на ЕУ: “ЕУ не се стави на страна на еден од кандидатите, туку се заложи за демократија – тоа е суштинска разлика”.

Германскиот канцелар Герхард Шредер имал телефоснки разговор со рускиот претседател Владимир Путин кој притоа за првпат се искажал за повторување на изборите, како и дека во тој случај резултатот треба стриктно да биде респектиран. Тоа е веќе втор телефонски разговор на Шредер со Путин во рок од една недела.

Што би донело повторувањето на изборите? За тоа Уте Шефер, познавач на состојбите во Украина, за програмата на македонски јазик на Дојче Веле изјави: “Со оглед на ситуацијата во земјата, каде сите луѓе во основа се политизирани, оти се кискутира на улиците, во училиштата, меѓу студнетите, може да се смета на тоа дека политичката мобилност кај населението ќе биде многу висока. Ако се погледаат испитувањата на јавното мислење досега, може да се заклучи дека има еден кандидат кој може да освои мнозинство – тоа е Јушченко, и има еден кандидат кој в раце ги има сите инструменти на власта за да се пробие, а тоа е Јанукович. Сметам дека доколку бидат спроведени тие нови избори, ќе има значително мнозинство за Јанукович” – оцени Уте Шефер.