1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Украинската влада недопирлива

65- годишниот украински премиер Николај Азаров, без оглед на масовните протести за негова оставка останува на функцијата откако не успеа обидот на опозицијата за изгласување недоверба на владата во украинскиот парламент.

Украинскиот парламент денеска го одби барањето на опозицијата за изгласување недоверба на владата на премиерот Николај Азаров. Опозицијата предводена од светскиот првак во бокс Виталиј Кличко за нејзиното барање доби поддршка од само 186 од потребните 226 пратеници. Гласањето беше иницирано поради одлуката на премиерот инаку назначен од страна на претседателот на државата Виктор Јанукович да не го потпише договорот за асоцијација со ЕУ и поради пресметката на полицијата со демонстрантите кои протестираа против ваквото решение.

На седницата, опозициските претставници извикуваа „срамота“ и „револуција“ при говорите на пратениците од редовите на владејачките партии, додека опозициските говорници беа исвиркани од мнозинството.

„Срамота за вашиот претседател и срамота за вашата влада, извикуваше Арсениј Јаценјук, пратеник на најголемата опозициска партија „Татковина“, додека неколку илјади демонстранти се собраа пред зградата на Парламентот, со барање за смена на Владата.

Минатонеделната одлука на претседателот Јанукович да не ја потпишува долго очекуваната спогодба за продлабочување на економските и политички врски со ЕУ и место тоа да се сврти кон поблиска соработка со Русија, на улиците изведе илјадници демонстранти.

Јанукович денеска отпатува во однапред закажаната посета на Кина, која ќе трае до 6 декември. Опозициските лидери, меѓу кои е и поранешниот боксерски шампион Виталиј Кличко, поднесоа предлог-резолуција во која се наведува дека владата ги „издала Украинците“, бидејќи се откажа од потпишувањето на клучниот документ со ЕУ под притисок на Русија.