1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Украина сака да го прати Јанукович во Хаг

Украинскиот парламент усвои резолуција со која бара досегашниот претседател на државата поради тешките злосторства да одговара пред судот во Хаг. Изборот на нов премиер е одложен за в четврток.

Соборениот украински претседател Виктор Јанукович според желбата на украинскиот парламент во Киев треба да биде изведен пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Јанукович е одговорен за тешки злосторства, се вели во резолуцијата која со големо мнозинство гласови беше усвоена од пратениците во Киев. На товар на досегашниот шеф на државата се става смртта на најмалку сто луѓе во Украина и други држави. Со парламентанрана резолуција се засегнати и екс-министерот за внатрешни работи Витали Сахарченко и генералниот државен обвинител, Виктор Пчонка.

Јанукович, кој беше развластен во саботата, се наоѓа во бегство и по него е издаден налог за апсење.

Изборот на премиер одложен за в четврток

В четврток треба да биде формирано ново владино мнозинство во Врховната рада и да биде составена нова влада на Украина, соопшти претседателот на украинскиот Парламент и в.д. шеф на државата Олександар Турчинов.

Турчинов не ги посочи причините за денешното одлагање на формирањето на новиот владин кабинет.

Ukraine Maidan in Kiew Fahndungsplakat Fahndung nach Janukowitsch

Издаден е налог за апсење на Јанукович

Согласно Уставот од 2004. година, кој во неделата повторно беше вратен во сила, Владата ја избира парламентарното мнозинство. Со гласовите на 316 пратеници Врховната рада на Украина на Турчинов му ги предаде надлежностите да ги потпишува од неа донесените закони.

Официјални кандидати за премиер нема. Во предвид за функцијата доаѓа поранешниот претседател на Парламентот, Арсени Јацењук, кој во парламентот ја предводи пратеничката група на партијата Татковина на екс-премиерката Јулија Тимошенко. Како кандидат се споменува и бизнисменот и поранешен министер за надворешни работи и економија, Пјотр Порошенко.

Планираниот избор на премиер се смета за натамошен важен чекор во барањето излез од тешката криза. Бидејќи земјата се наоѓа практично пред банкрот, никој не гори од желба да ја преземе деликатната позиција. Досегашната опозиција по неколкумесечни протести ја презеде власта во Киев и брзо ги пополни најважните функции. На чело на државата привремено е досегашниот претседател на украинската Врховна рада, Олександр Турчинов, а изборите за оваа функција ќе се одржат најверојатно на 25. мај.

Гувернерот на централната Черкаска област Сергеј Тулуб денеска поднесе оставка. Тулуб својата одлука ја образложи со неопходноста за избегнување на натамошно тензии и за промени во системот на извршната власт во Украина.

„Бев, сум и ќе останам член на Партијата на регионите. Партија, во која членуваат десетици илјади семејни и трудољубиви луѓе, кои не ја извалкале својата чест ниту со зборови, ниту со дела“, потенцира тој.

По смената на власта во Украина оставка поднесоа гувернерите 15 од 24-те региони, во западниот и централниот дел на земјата.