1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Украина: Протести поради напад врз новинарка

Неколку стотици луѓе протестираа во Киев поради брутален напад врз опозициона новинарка. Уапсени се две лица во врска со инцидентот. ЕУ и САД го осудија заплашувањето на проевропската опозиција.

Украинскиот претседател Виктор Јанукович го осуди нападот врз новинарката Татјана Хорновол, барајќи од министерот за внатрешни работи Витали Захаренко да ги најде извршителите. „За случајот се овластени најискусните инспектори“, соопшти полицијата. Захаренко изјави дека се идентификувани веќе три лица, а две се уапсени.

Татјана Хорновол беше нападната во ноќта кон 25. декември и брутално претепана. Таа пишува првенствено за опозиционата веб-страница „Украинска правда“. Новинарката присуствуваше на проевропските демонстрации во Украина и напиша и објави повеќе критички статии за претседателот Јанукович и неговото опкружување. Во интервју за „Украинска правда“ таа сведочеше за нападот врз неа:

„Ме удираа по главата, не прозборувајќи ни збор, ме тепаа“. Според веб-страницата, Хорновол покрај скршениот нос се здобила и со потрес на мозокот и бројни повреди.

Опозициони претставници реагираа огорчено на нападот, обвинувајќи ја владата на Јнаукович за обид да ја замолчи опозицијата. Повеќе демонстранти се собраа пред седиштето на министерот Захаренко, барајќи негова оставка.

Опозиционата политичарка Јулија Тимошенко, која е во затвор, изјави:

„Денес речиси беше убиена Татјана Хорновол. Оваа капка крв треба да биде последната демонстрација на свирепост која смееме да ја дозволиме, преку нашата неактивност, против нашиот народ“. Опозициониот политичар Витали Кличко ги објави насекаде фотографиите на новинарката, коментирајќи: „Сегашната цена на слободата на печатот во Украина, благодарение на системот кој го создаде нашата актуелна влада“.

Американската амбасада во Киев најостро го осуди нападот врз Хорновол, истакнувајќи дека тоа е дел од серијата репресии со цел да се заплаши проевропската опозиција. И претставништвото на ЕУ во Украина го критикуваше зголемениот притисок врз активистите на цивилното општество, политичарите и новинарите. Во вторникот вечерта беше прободен со нож проевропскиот активист Дмитро Пилипец во Харков.

Јанукович на крајот на ноември, веројатно под притисок на Русија, го откажа потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ. Оттогаш владата во Киев е соочена со постојани масовни протести, иако бројноста на учесниците во нив во последно време опаѓа. Во вторникот Русија ја исплати првата транша од договорената кредитна програма за Украина во износ од 3 милијарди долари (2,2 милијарди евра).