1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Украина привремено ги укина визите за македонските државјани

Украинскиот претседател Виктор Јанукович донел одлука за привремено укинување на визите за влез и краткорочен престој на македонските граѓани во Украина, информираше денеска амбасадата на оваа земја во Македонија.

Според одлуката на Јанукович, македонските граѓани ќе можат од 15. август 2012. година до 15. март 2013. година без визи да влегуваат во Украина и да престојуваат во земјата до 90 дена во период од шест месеци.

„Одлуката е донесена со желба за развој и практично остварување на принципите на партнерство меѓу Украина и Македонија, интензивирање на билатералните контакти во сите области на заемни односи и потврдувајќи ја намерата да се продолжи соработката во сферата на либерализација на режим за заемни патувања на граѓаните“, стои во соопштението на украинската амбасада во Скопје.

Според донесената одлука, државјаните на Република Македонија, кои ќе престојуваат во Украина до 90 дена во рок од 180 дена, од денот на првото влегување, ќе влегуваат на нејзината територија само со важечка патна исправа, без поседување визи, покани, односно други документи, предвидени со важечката билатерална Спогодба за заемни патувања на граѓани, се појаснува во соопштението

Сепак, македонските граѓани, кои во посочениот период ќе патуваат кон Украина, на граничниот премин задолжително ќе треба да прикажат патничко осигурување и доказ дека поседуваат доволно средства за престојот во Украина.

Одлука не важи за граѓаните кои ќе влегуваат во Украина со цел вработување или друга цел со планиран престој подолг од 90 дена.