1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Украина пред Европското првенство во фудбал во 2012

Бесконечните битки за власт во Украина се закануваат да ја турнат земјата во хаос. Странските инвеститори се воздржани, и покрај добри економски показатели.

default

Кавгите меѓу Јанукович и Јушченко ги спречуваат инвеститорите да влезат во Украина

Па, сепак, во земјата се очекува подобрување на инвестицоната клима. Причина за оптимизмот е Европското првенство во фудбал во 2012 година што Украина ќе организира заедно со Полска.

Во врска со Европското фудбалско првенство, владата во Киев смета на повеќе од 20 милијарди евра инвестиции. Најмаку толку се потребни за вистина да може да се организира таква голема спортска манифестација. Претстојните задачи се огромни. Пред се мора да се дотера лошата инфратсруктура: патишта, железница, аеродроми и хотели кои сега не се ни блиску до меѓунарондите стандарди. Одговорните во Украина имаат на располагање само 5 години сето тоа да го променат. Засега, меѓутоа, подготвките тапкаат во место. Политичарите немаат време: по повеќемесечните расправии меѓу претседателот и владата, на 30 септември треба да се одржат предвремени парламентарни избори. За Иван Федоренко, одговорен во украинскиот фудбалски сојуз за ЕВРО-2012, нема причини за загриженост:

„Почетокот на нашите подготвки секако е тежок. Меѓутоа, сите партии во украинскиот парламент потпишаа гарантно писмо до УЕФА. Сите се свесни за значењето на првенството за нашата земја. Во рок од пет години ќе мораме да го направиме невозможното. Тогаш ќе поканиме и претставници на Европската унија и ќе им кажеме: погледнете, ние сме европска држава и сме подготвени да влеземе во Унијата„.

Мошне амбициозна цел, зашто земјата во многу подрачја е се уште далеку од европските стандарди. За разлика од ко-организаторот Полска, Украина не може да смета на пари од Европската унија. 90 проценти од потребните 20 милијарди евра, според пресметките на владата, ќе бидат приватни пари, главно од странство.

За странските инвеститори, давањето на организацијата на првенството на Украина е сигнал на доверба, вели Рикардо Ѓучи од германската советничка група при владата во Киев. Проблем, според него, е имиџот на земјата:

„Досега на многумина политичари не им беше важен имиџот во светот. Сега, во врска со првенството, луѓето стануваат свесни дека мораат повеќе да се грижат за тоа. Долгорочно тоа би придонесло да се најдат повеќе инвеститори„.

Рикардо Ѓучи најмногу странски инвеститори очекува во хотелиерството. Досега пристапот кон овој пазар го спречуваа нејасните правила на игра. Освен тоа, драстично се зголемија цените за сместување. Соба во хотел од средна категорија чини повеќе од 300 евра. Сега градовите се зависни од меѓународните хотелски синџири:

„На градовите им се потребни модерни хотели. Во врска со европското првенство можностите за таков вид пречки ќе бидат многу ограничени. Ако продолжи вака, критиките од странство ќе бидат многу гласни. Мислам дека Украина тоа не може да си го дозволи. Во Украина голем проблем е и корупцијата, како и во многу други земји. Меѓутоа, нема да може така да продолжи„.

Лемберг, едно од местата каде што ќе треба да се играат некои натпревари, веќе сега нема хотели. Западно-украинската културна метропола од укинувањето на обврската за визи, добива се повеќе туристи од Европската унија. За Остап Протсик, одговорен за меѓународни контакти во градското собрание, тоа претставува голем предизвик:

„Во моментов имаме околу 6 илјади кревети. За да го задоволиме растечкиот интерес на гостите, ни требаат два до трипати повеќе. Тоа не се однесува само на Европското првенство, туку е наша нормална потреба како град со голем туристички потенцијал„.

Воздржаноста на инвеститорите експертите ја образложуваат со недоволната транспарентност. Сега и тоа ќе се промени, убедува Остап Протсик. Секако ќе мора. Советникот Рикардо Ѓучи смета дека ќе мораат да се спроведат решавачки реформи во стопанството и управата:

„Според мене, преку Европското првенство ќе настапи и процес на учење. Зашто, ако и натаму постојат толку пречки за инвеститорите, нема да има ни инвестиции, а тие итно се потребни. Треба да се очекува дека многу ќе се научи и дека се’ ќе се заврти кон подобро„.