1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Украина поделена околу пристапувањето кон НАТО

Американскиот претседател Џорџ Буш ќе се заложи на претстојниот самит на НАТО во Букурешт за конкретен план за пристапување на Украина и Грузија кон Алијансата.

default

Протести против Џорџ Буш во главниот град на Украина

Ова го изјави неговиот советник за безбедносни прашања Стивен Хедли кој го придружува Претседателот при посетата на Украина. Буш денеска во Киев ќе разговара со претседателот на државата Виктор Јушченко и премиерот Јулија Тимошенко.


Првата посета на Џорџ Буш на Украина претставува средба со длабоко поделена земја. Во Украина има делови од населението кои сакаат пристапување кон Северно атлантската Алијанса, но има и такви кои на тоа категорично му се спротиставуваат. При тоа политичките партии, со исклучок на Партијата на левицата, се залагаат за прием во НАТО, порано или подоцна. Во таквиот чекор тие гледаат шанса за натамошна демократизација на земјата, за реформа на армијата и за приближување кон ЕУ.„Не се сомневам дека ќе добиеме позитивен сигнал„ – смета про-западно настроениот претседател на државата Виктор Јушченко.

Со оглед дека ЕУ не и’ дава на неговата земја никакви шанси за прием, тој сета сила ја насочува сега кон приемот во НАТО. Јушченко како и Буш посакува јасен сигнал за поврзување со Алијансата уште од самитот во Букурешт. При тоа не станува збор за членство, туку допрва за план за акција што треба да го подготви зачленувањето.

Мнозинството е против

Проблемот е во тоа што широко мнозинство на неговите сограѓани не сакаат Украина да и’ пристапи на Алијансата. Според анкетите дури две третини од Украинците се против. При тоа мора да се нагласи дека најголемиот дел противници доаѓа од источниот и јужниот дел на Украина, каде се зборува руски и каде се гледа најмногу руската телевизија.

Според украинскиот експерт Јевхен Петренко руските медиуми водат и вистинска кампања против НАТО:„Тоа покажува дека Русија уште ја следи доктрината на Брежњев, според која сателитите на Советскиот Сојуз смееја да имаат само ограничена сувереност.“

Руската кампања вродува со плод

„Сакаме да покажеме дека наша Украина сака да биде слободна, така што американски војници нема да стапнат на наша почва“ – порачува една жена на добар руски јазик, која дојде на демонстрациите во центарот на Киев спроти пристигањето на Џорџ Буш.

Во Украина е проширено и мислењето дека НАТО е агресивен сојуз и играчка во рацете на Американците: „Тие ја бомбардираа Југославија, убиваат цивили во Ирак, се борат во Авганистан. Со тоа сакаат да дојдат и кај нас. Секако нема да ги обработуваат нашите запустени ниви.“

Дилемата околу НАТО предизвика политичка криза

Поради ваквиот силен отпор во јавноста, на почетокот на годината имаше политичка криза во Украина поради иницијативата на претседателот Јушченко за пристапување кон НАТО. Дури дојде и до блокада на парламентот. По подолгата кавга беше најден компромис, имено дека Украина смее да му пријде на Сојузот дури кога мнозинството нејзини граѓани ќе се сложат со тоа – на референдум.