1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Украина наскоро ќе го потпише договорот за асоцијација со ЕУ

Украина наскоро ќе го потпише договорот за асоцијација со ЕУ, изјави украинскиот заменик-премиер Сергеј Арбузов по разговорите во Брисел со еврокомесарот за проширување Штефан Филе (на фотографијата).

Арбузов не прецизираше ниту датум ниту одреден рок за потпишување на договорот. Тој изјави дека на средбата со Филе биле разгледани патоказите за спроведување на договорот, кој претседателот на Украина Виктор Јанукович одби да го потпише минатиот месец, што предизвика протести во Киев.

„Украина наскоро ќе го потпише договорот за асоцијација со ЕУ, земајќи ги предвид националните стратешки интереси“, нагласи Арбузов. Филе изјави дека Украина и Европската унија се договориле да водат преговори за договорот за асоцијација без Русија.

Во меѓувреме еден од лидерите на украинската проевропска опозиција, Арсениј Јаценјук упати повик за нов голем протест в недела (15.12) во Киев, со цел да биде зајакнат притисокот врз Јанукович.

„Ги повикувам сите на нашите демонстрации в недела, во 12 часот“, изјави Јаценјук, лидер на партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко.

„Главна цел е да се спречи претседателот Јанукович да ја приклучи Украина кон Царинската унија, предводена од Москва за време на неговата посета на Русија, на 17 декември“, додаде опозицискиот лидер. Во протестите во Киев изминатите две недели учествуваа стотици илјади лица. Опозицијата го обвинува украинскиот претседател дека сака да ја и‘ „продаде“ земјата на Русија, а Киев во замена ќе добие поевтин гас, а можеби и кредити.