1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Украина меѓу чеканот и наковалната

Во Украина веќе постои привремен претседател, а сега парламентот треба да именува и нов премиер. Оваа задача не е лесна, зашто земјата на која ѝ се заканува државен банкрот, е подложна на уцени.

Украинскиот парламент денеска, по соборувањето на шефот на државата, Виктор Јанукович и развластувањето на неговата влада, треба да избере нов состав на кабинетот. Официјални кандидати нема. Во предвид за функцијата доаѓа поранешниот претседател на Парламентот, Арсени Јацењук, кој во парламентот ја предводи пратеничката група на партијата Татковина на екс-премиерката Јулија Тимошенко. Како кандидат се споменува и бизнисменот и поранешен министер за надворешни работи и економија, Пјотр Порошенко.

Планираниот избор на премиер се смета за натамошен важен чекор во барањето излез од тешката криза. Бидејќи земјата се наоѓа практично пред банкрот, никој не гори од желба да ја преземе деликатната позиција. Досегашната опозиција по неколкумесечни протести ја презеде власта во Киев и брзо ги пополни најважните функции. На чело на државата привремено е досегашниот претседател на украинската Врховна рада, Олександр Турчинов, а изборите за оваа функција ќе се одржат најверојатно на 25. мај.

Јанукович e во руска поморска база во Севастопол?

Украинските медиуми јавуваат дека Виктор Јанукович, кој беше отповикан од парламентот од функцијата претседател и за кого е издаден налог за апсење под обвинение за масовно убиство, се наоѓа во руска поморска база во Севастопол.

Ukraine Maidan in Kiew Fahndungsplakat Fahndung nach Janukowitsch

По Јанукович е распишана потерница

Според телевизискиот канал АТР за Јанукович е подготвен десантен брод на Црноморската флота РФ, со кој наводно треба да замине за Русија, јави „Глас Русија“.

Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков претходно изјави дека Јанукович, по одлуката на парламентот за негова смена во саботата, се упатил кон воениот аеродром Белек на Крим, но дека се откажал и заминал во друга насока по информациите дека таму го чекаат новоименуваните шефови на министерствата за полиција и државна безбедност.

Јанукович во саботата се обидел да ја напушти Украина со приватен авион, а некои од неговите соработници се обиделе да поткупат припадници на граничната полција, во што не успеале.