1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Украина: Безизлезната и невидлива војна во Донбас

Без оглед на сите напори на Меркел и на Оланд, нема напредок во мировниот процес во источна Украина. И натаму се пука, речиси секојдневно се убиваат луѓе, а Киев нема никаква стратегија.

Во минатата година во насловите на медиумите доминираа Алепо, Палмира, Мосул, градови во Сирија и во Ирак. Во 2013. и во 2014. година во фокусот на вниманието беа настаните во Украина, а не војната во Сирија. Значи, сега е обратно. Борбите во Донбас речиси целосно исчезнаа од германските и од европските медиуми.

А сепак, таму речиси секојдневно продолжуваат да умираат луѓе, секојдневно се јавува за прекршување на прекинот на огнот. Набљудувачката мисија на ОБСЕ нив детално ги документира, само лани се регистрирани 300.000 инциденти. Зад оваа бројка се криеужасната реалност во Донбас: фронтовската војна меѓу сепаратистите и украинската армија. Меѓу нив е приклештено цивилното население: луѓе кои мораат да живеат од хуманитарна помош, уништени куќи, прекинато снабдување со електрична енергија, вода или гас.

Дипломатски промашувања

Редовните средби на Контакт-групата од Минск би требало да ја подобрат ситуацијата, но тие не носат речиси никакви промени. До денес не е испочитуван речиси ниту еден единствен од бројните повици за примирје. Неодамна е преземен нов обид, од 24. декември во сила е божикно примирје.

Се преговара и на повисоко, меѓународно рамниште, посебно во рамките на т.н. Нормандиски формат. Во средината на октомври во Берлин се сретнаа Ангела Меркел, Франсоа Оланд, Петро Порошенко и Владимир Путин. Тие се усогласија околу временска рамка за спроведување на договорот од Минск, што до денес не е реализирано.

Владата во Киев и натаму се декларира за почитување на Минск-процесот. Украинскиот претседател Петро Порошенко во септември го потврди тоа пред Генералното собрание на ОН: „Повторно сакам да истакнам: Украина останува верна на барањето политичко-дипломатско решение за ситуацијата во Донбас. Ние сме мирољубива нација.“ Во истиот месец, во обраќањето до нацијата за „ситуацијата во Украина“: „Како Нормандискиот процес, исто така и Минскиот договор отвораат реален пат за враќање на Донбас. Тие се единствениот инструмент за постигнување на таа цел.“ 

Пред домашната јавност Порошенко постојано настапува борбено. „Кога гледам во очите на нашите воини, кога гледам колку се вешти со оружјето, кај мене расте уверувањето: Украина мора да победи“, истакна тој во октомври на Денот на украинските бранители.

Молчешки освојувања територии

Официјално, Украина тврди дека нејзините трупи не преземаат офанзиви. Но, ситуацијата на теренот покажува друга слика. Се чини, двете страни се обидуваат преку воени акции да стават под контрола одредени населени места. На 18. декември ситуацијата ескалираше. Во Свитлодарск дојде до жестоки борби, за чиј почеток двете страни меѓусебно се обвинуваа. Беа убиени петмина украински војници. „Ова се најголемите загуби на армијата во изминатите пет месеци“, изјави Андреј Лусенко, портпарол на украинското министерство за одбрана. ОБСЕ само на овој ден документираше 2900 експлозии, најголем дел од нив во близина на Дебалцеве и Свитлодарск. Украинската страна во овој случај извести за освојување територии, Лусенко за Дојче Веле изјави дека армијата напреднала околу еденипол километар. „Освоивме три рида, стратешки многу поволни, зашто од нив се гледа врз Хорливка. Според договорот од Минск, тоа е украинска територија.“

Двете конфликтни страни сѐ повеќе се приближуваат кон т.н. контактна линија, зона која според Минскиот договор всушност треба да биде неутрална. Набљудувачите од ОБСЕ го потврдуваат тоа. „Тие освојуваат нови позиции, се приближуваат едни кон други во насока на контактната линија“, соопшти вице-шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина, Александер Хуг.

На овој проблем укажува и претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Елмар Брок. Тој за Дојче Веле изјави дека со повлекувањето на тешкото вооружување, „настаната е сива зона во која влегуваат и се инфилтрираат војници од двете страни, така што се отвора можност за директни борби со рачно оружје со смртни последици во растечки обем.“ Во дневните извештаи на ОБСЕ се потврдуваат освојувањата на територии од двете страни.

Недоволна политичка волја за наоѓање решение

Крај на воените операции не е на повидок. И Русија, која ги поддржува сепаратистите, не презема ништо за решавање на конфликтот. „Дури би тврдел дека руската страна е целосно задоволна со сегашната состојба на овој конфликт. Таа е во можност да ја држи Украина во однос на зависност. И можеби рамковните услови за Русија ќе се променат во насока кој ќе ѝ овозможи подобар дил“, смета Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика.

Експертот не гледа политичка желба за унапредување на процесот од Минск ниту кај украинската страна. „Недостасува позитивен поттик, стратегија во која насока да се движи мировниот договор“, вели Мајстер за ДВ. Порошенко нема никаков интерес, а ниту пак политички капитал за да реализира одредени елементи од договорот наспроти отпорот од политиката и општеството.

Исто мислење дели и Вадим Карасјов. Украинскиот експерт вели дека Порошенко има бројни интерни опоненти. Тој не е во можност да направи отстапки кон сепаратистите, зашто опозицијата би го обвинила за непатриотизам. Карасјов верува дека Киев „нема стратегија, туку само тактика. Тактика на исчекување. Други опции нема. Конфликтот не може да остане замрзнат, борбите кај Свитлодарск тоа го потврдуваат“, смета Карасјов.  

Без јасна стратегија, борбите ќе продолжат. А фронтовската војна во Донбас и натаму ќе продолжи да се одвива во следната година, незабележана од европската јавност.

 

DW.COM