1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Украдената демократија

Може ли да успее политичкиот преврат во Египет и Тунис? Јазот меѓу секуларните и исламистите е подлабок од кога било порано. Европа гледа беспомошно. А токму сега би бил важен цврст став, смета Уте Шефер во коментарот.

Барикадите и бодликавите жици се нужна заштита од тотален хаос: на едната страна се демонстрантите кои се залагаат за секуларен политички поредок. На другата страна се претставниците на политички ислам. До неодамна секуларното движење Тамаруд во Каиро се бореше против Муслиманското братсво и владата. Во Тунис разлутените народни маси бараа оставка на владата раководена од исламисти. Во Египет, како и во Тунис, се случи она од што долго многумина стравуваа: ескалираше „студена граѓанска војна“. Во Египет неа ја запре војската, со спорни средства. Дали може да биде запрена и во Тунис, прашање е. Ова се лоши вести: економски, политички и на социјален план. Актуелното насилство ги уназадува Египет и Тунис со години. Тоа спречува доаѓање на инвеститорите, враќање на нормалната состојба, да може некако да се живее.

Но, ова се пред сѐ лоши вести за демократијата. Она што во Тунис во декември 2010 година започна со толку многу надежи, се заканува да се распрсне во воздух. Своевремено гласно бараната демократија за мнозинството Египќани и Тунижани остана празно ветување: таа не донесе ниту праведност, ниту подобри услови за живот. Наместо тоа во двете земји на власт дојдоа конзервативни исламистички влади со мало политичко искуство.

Опасност за целиот регион

Така на површина изби она што диктаторите претходно го задушуваа и прикриваа: спротивностите меѓу сиромашните и богатите, градот и селото, но пред се‘ непомирливата борба меѓу исламистите и секуларистите. Општествата се судрија под големиот притисок за внатрешни промени и отвореноста на политичката ситуација. Постојат малку нешта што ги обединуваат меѓусебно, три години по заедничкиот политички старт. Тоа крие голема опасност за целиот регион и за соседите во Европа. Тунис се наоѓа непосредно пред европската порта. Египет пак е клучна држава во Блискиот и Средиот Исток. Патот по кој тргнаа двете држави, ќе ја одредува политичката иднина на целиот стратешки важен регион. Остатокот од светот сепак реагира воздржано на заканувачкиот неуспех на демократскиот преврат. Дезинтерес? Можеби не, но пред се‘ - беспомошност.

Само за потсетување: на крајот на јули египетската војска уби 80 припадници на Муслиманското братство. Јасен одговор на Западот на ова крвопролевање немаше. Западот го игнорираше и молскавично ширење на религискиот екстремизам во земјите: од поранешната граѓанска полиција за заштита на револуцијата настанаа млади верски стражари подготвени на употреба на сила. Тие променуваат исламски правила на облекување и начин на живот, го заплашуват народот. За сите видливо расте поддршката на салафистите, подготвени на насилство. Во Тунис оваа година се убиени двајца секуларни политичари, веројатно од страна на исламски екстремисти.

Deutsche Welle Chefredakteurin Ute Schaeffer

Уте Шефер

Не постојат добри диктатури

Актуелниот хаос воземјите на Арапската пролет наведува на желба за „цврста рака“. Некои во Тунис и во Египет денес велат дека состојбата за време на старите диктатори била подобра отколку денешната анархија. Кога генералите во Египет во име на стабилноста ги задушија нередите, го уапсија претседателот и себеси се доведоа повторно на власт, само малкумина тоа го нарекоа со вистинското име: тоа беше пуч!

Но, не постои добра диктатура! Заблуда е да се верува дека автократите и деспотите можат да се погрижат за поголема безбедност и ред. Тие во најдобар случај обезбедуваат привид на безбедност извесно време. Токму тоа го покажа „Арапскиот бунт“. Денешниот хаос е наследство на диктатурата. Диктаторите спречуваат учество и развој на цивилно општество, способно да функционира. Диктаторите ги гушат дискутабилните прашања, опозицијата и спротивставувањето. Со тоа го спречуваат тешкото усогласување на различните интереси. Тие се потиснувани под плаштот на присила, додека притисокот насилно не ескалира.

И Западот загуби

Се покажа: да се собори еден диктатор од власт е едно, а да се изгради демократија е друга работа. Најгорчливо притоа е што не изгледа дека тоа ќе успее во догледно време. Демократијата е постојана потрага по компромис, по заеднички именител. Таа бара веродостојни институции, јасни правила, толеранција и постојано преговарање. Се чини дека во Египет и во Тунис од тоа постои поголема дистанца отколку во времето на Арапската пролет. Јазот меѓу секуларистите и исламистите е подлабок од кога било.

И Западот претрпе загуба: САД, Франција, Европа со децении ги поддржуваа старите диктатури. Сега како доверливи и советници важат арапските соседи, иако тие масивно се вмешуваат во хаосот, следејќи ги своите интереси. Европа треба да се прилагоди на тоа дека регионот ќе биде постојано политичко жариште. Но, една грешка Западот не смее да ја повтори, да им верува на „добрите диктатори“ и да ги поддржува.