1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Укинат цензусот за малите партии на европските избори

Пет, три, и на крајот нула проценти. Цензусот за изборите за Европскиот парламент е укинат, одлучи германскиот Уставен суд, за жал на големите, и на радост на малите политички партии.

Одлуката се очекуваше со нетрпение: Уставниот суд во Карлсруе денеска одлучи дека прагот од три проценти на Европските избори ги става во нерамноправна положба малите партии.

Повеќе мали партии и над илјада граѓани поднесоа тужба против законот донесен пред девет месеци. „Малечките партии се солта во демократијата, тие имаат важна функција и затоа не смее да има пречки“, вели Себастијан Франкенбергер, претседавач на Еколошко-демократската партија.

Sebastian Frankenberger

Себастијан Франкенбергер

Судиите се согласија со ваквиот став и пресудија дека секој гласач мора да има еднакво право да одлучува за составот на Европскиот парламент.

За големите партии, пресудата е шлаканица в лице. Во моментов во парламентот на ЕУ има вкупно 162 политички партии. Дополнителни мали партии ќе ја нарушат функционалноста на парламентот, гласи аргументот на поборниците за цензус. Парламентот е зависен од стабилно мнозинство. „Но мнозинството ќе станува сѐ потешко“, вели Мартин Шулц, претседател на ЕУ парламентот. На двапати досега се обидуваше Бундестагот да воведе изборен праг, и двапати одлуката беше отфрлана.

Во 2011. Уставниот суд го прогласи тогашниот цензус од 5 проценти за неуставен. Парламентот може да функционира и со многу малечки партии, гласеше одговорот на Уставниот суд во 2011.

Германија во новиот состав на европскиот парламент ќе има 96 пратеници. Големите партии долго аргументираат дека цензусот е потребен заради избегнување на политичка фрагментација во парламентот. Анкетите сугерираат дека бројни евроскептични и радикални партии би можеле добро да минат на европските избори, и потоа да ја нарушат рамнотежата на главните блокови.

Кој профитира од одлуката?

„На овој начин во ЕУ парламентот можат да влезат партии кои не го одразуваат мнозинското политичко мислење во Германија“, вели Тим Бајхелт, професор на Европа- Универзитетот Виадрина. Какви можни последици може од тоа да се изродат најдобро сведочи примерот од поблиското минато. „На европските избори во 1984. Националниот фронт се здоби со национална релевантност.

BVG Urteil Europawahl 2014 Andreas Voßkuhle

Уставни судии во Карлсруе

Преку овие избори партијата за првпат стапна во еден парламент, и тоа во парламентот на ЕУ, и десно-радикалната партија тоа го искористи за да ги подобри своите позиции и во Франција“, вели Бајхелт.

Од друга страна, цензус постои за влез во германскиот парламент, и тој за Уставниот суд не е спорен. Изборниот праг на националните избори има за цел да го помогне формирањето на влада. „Дел од гласовите се губат преку цензусот, но целта е да се формира влада, а тоа е над еднаквоста на гласот“, вели Бајхелт.

Ваков проблем нема на ниво на ЕУ, затоа што таму парламентот не бира влада. „Во овој случај формирањето влада не е конкурентна на правото на еднаквост на гласот. Затоа е многу поважна еднаквоста на гласовите“, објаснува Бајхелт.

Но, во 1979. година цензусот се уште постоеше, а тогаш Уставниот суд ценеше дека е неопходно да постои изборен праг, за да се оневозможи расцеп по партиски линии, и да не се наруши функционалноста во работата на европскиот парламент. 35 години подоцна, објаснувањето е поинакво.