1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Угледни криминалци и чесни будали

Синоличка Трпкова
11 мај 2018

Денес криминалци држат лекции за чесност, лажговци се кочоперат со титули, неработници се полнат со пари, а работливоста, скромноста и трпеливоста станаа синоними за неснаодливост, наивност, глупост.

https://p.dw.com/p/2xWdo
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Ако „бомбите” се случеа на некое друго место, во некоја скандинавска или западноевропска земја, тие веројатно ќе имаа брза и ефикасна разврска. Без потреба од јавни преслушувања на разговорите, без дебати од типот „сечени-лепени-монтирани”, без протести и бегање од одговорност, без процеси што се тегават во недоглед. Политичарите таму веднаш ќе си ја признаеја вината и ќе беа во затвор (можеби со надеж за пократка казна заради примерното поведение). Посебно да не зборуваме за криминал врзан со парични или гласачки измами на луѓе на функции. Кај нас таквите луѓе шетаат слободно, со дигната глава, купен углед, и без мува да ги лази! Зашто кај нас вистината е како зарзават на тезга. Си има цена и може да се купи. Тој што крадел и мамел во политиката или бизнисот, наместо да заврши во затвор, ќе добие нова шанса да стане уште побогат и поугледен! Уште е свеж примерот за тужбата што еден локален мафијаш-моќник ја поднесе на новинар, во која бараше паричен надомест за нанесена душевна болка. Се сеќаваме и на случајот кога новинар заврши во долготраен притвор заради извршување на својата професија. Но во нашава кратка историја од осамостојувањето до денес, тешко може да се посочи пример на јаснa и транспарентнa правна завршница на случај за сторен криминал на некој моќник или политичар. На крајот сите се невини и страдаат од нанесена „душевна болка”!

Screenshot aus DW-Video |  Mazedonien, Zentrum von Skopje
Фотографија: DW

Нови „вредности“

Транзицискиот капитализам создаде нови „вредности” во нашето општество, во кое некогаш ги славевме правдата, трудот, чесноста, вистината, знаењето. Веројатно и тогаш постоел малигнен вирус, грижливо одржуван во примитивниот и зол лик на неспособноста, но во вредносниот систем била вградена и имунизацијата против него. Образованието било „вакцина” против заблудите, лагите, незнаењето и предрасудите. Денес вирусот на лажни и извртени општествени вредности се шири незапирливо. Сомнително, нетранспарентно и нејасно стекнатите богатства и функции им овозможуваат на поединци да манипулираат бескрајно со јавноста и да ги влечат конците на правниот систем во своја корист. Со светлосна брзина се бришат мачно создаваните вредности врз коишто се темели човечкиот интегритет. Денес криминалци држат лекции за чесност, лажговци се кочоперат со титули, неработници се полнат со пари, а работливоста, скромноста и трпеливоста станаа синоними за неснаодливост, наивност, глупост.

Не се станува милионер преку ноќ

Во вакво општество тешко ќе се воспостават повторно човечките права и вредности. Ако рол-модели се брзо збогатени мангупи, на сомнителен начин и на штета на државата, просторот за промоција на поинакви вредности или начин на однесување, се' повеќе се стеснува. Во нормални земја системот е скроен да ги казнува криминалците. Кај нас е обратно -  криминалците го моделираат и го прилагодуваат правниот систем во нивна корист. Систем во кој обичниот човек секогаш ќе биде на удар (дури и за минорни работи), додека ним нема да им фали влакно од главата за тешки криминали. Зашто тие ги кројат политиките и го девалвираат човечкиот материјал и потенцијал, и на тој начин ги кочат промените што треба да се случат во земјата. Тие ја (зло)употребуваат секоја власт – само за сопствено одржување. Нивна главна грижа е како да се здобијат со повеќе моќ и пари, за да ги контролираат другите, а самите да останат недопирливи на врвот од општествената пирамида. Иако тие имаат и моќ и можност да помагаат и да покажат трунка човечност и доблест, тие не го прават ни тоа. Едноставно, немаат капацитет, интерес и способност за такви „претприемништва”. Но затоа секогаш се подготвени да си купат углед и слобода, не прашувајќи за цена.

Banknoten
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Gambarini

Брзиот успех и брзо стекнатото богатство во ваков неправичен свет се лажен патоказ за иднината на младите генерации. Не се станува милионер преку ноќ. Да се биде богат и успешен во сиромашно општество, каде лицата со попреченост и многумина едвај преживуваат, не е ништо друго освен причина за срам. Да се биде богат и успешен во држава без пристојно државно здравство и основна социјална сигурност е уште поголем срам. Ваквата состојба никогаш нема да се смени со правење мали отстапки, благи политички интервенции и козметички корекции. Се навикнавме веќе на неправда и немаштија. Станува дури и излишно чудењето и неверувањето за работи што ни се случуваат секојдневно. На пример, вестите за кампањата на Трамп и „лажните вести” продуцирани во Велес, е уште еден пример за усовршување на легализираниот криминал кај нас. Тепањето на малолетнички, вршењето нужда на недозволени места, хаосот во сообраќајот, расфрлањето на ѓубре и негрижата за јавниот простор, исто го отсликуваат отсуството на правда, вредности и почитувањето закони и правила на однесување.

Претходни колумни од авторката: 

Еден тажен крај за Први мај

За влегувањето на пролетта во еден болнички ходник

Тивкиот убиец на државата

Во неправичен свет, со право на избор

Немоќта на обичниот човек

Неказнувањето на криминалот и селективноста во казнувањето создаваат револт. Револтот се зголемува уште повеќе кога моќниците - кршители на закони и криминалците остануваат недопирливи. Недовербата во системот расне кај обичниот човек и го фрла во очај. Тој живее со сознание дека е немоќен и по правило, изложен на неправда. Знае дека може преку ноќ да се најде на улица, иако со години двоел за државата. Отсуството на правда и вредности во општеството го принудуваат да бара други начини за опстанок. Борејќи се за себе и своите најблиски, тој не размислува дали ќе погреши, кого ќе повреди или оштети. Има можност да биде прогласен за будала - ако е чесен, вреден, и се бори за правда, или како алтернатива, може да стане соработник со системот, и да ги прифати наметнатите „правила” на игра. Затоа ставени пред вакви искушенија, многумина решаваат да емигрираат.

Сѐуште немаме зрелост, знаење и храброст да изградиме општество во коешто сите ќе бидеме еднакви пред законот. Се' дури слободата и угледот лежат на тезги, ќе бидеме заложници на слободните и горди криминалци. Без доследнo и принципилено казнување на криминалот - не може да има нов почеток. Исто онака како што без почит и поттик за чесна и посветена работа, знаење, интегритет, правичност, храброст и вложен труд за доброто на сите - не може да се гради држава.