1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Угледните весници- играчки во рацете на милијардери?

Планираното преземање на Вашингтон Пост од страна на сопственикот на Амазон Џеф Безос, одекна како бомба. Но има и други примери за премин на угледни весници во раце на милијардери кои незнаат ништо за издаваштво.

Само неколку часа пред да се објави дека еден од најугледните американски весници, Вашингтон Пост, ќе премине во рацете на милијардерот Џеф Безос, еден друг милијардер за прв пат ја посети редакцијата на еден друг весник кој неодамна го купи. Џон Хенри, сопственикот на кошаркарскиот клуб Бостон Ред Сокс и фудбалскиот клуб  Ливерпул им се претстави на своите вработени, новинарите на Бостон Глоуб кој пред неколку дена од Њујорк Тајмс Компани го купи за „само“ 70 милиони долари. „Само“ бидејки Њујорк Тајмс за истиот Бостон Глоуб пред 20 години плати 1,1 милијарда долари.

Традиција за малку пари

Amazon-Gründer Jeff Bezos

Основачот на Амазон, Џеф Безос



Падот на цените на весниците чии  новинари во 140- годишната историја добија 21 Пулицерова награда зборува за падот на американските новинарски икони повеќе од која било статистика за континуираните падови на тиражите и за недостатокот на огласувачи во последните години. Уште еднаш стана очигледно дека големите и угледни американски дневни весници, со понекој исклучок, се' уште не најдоа начин во времето на дигитализација да ги продадат своите квалитетни производи на публиката која не е навикната на листање на хартиени весници. Продажбата на Вашингтон Пост, чие име во еден здив се изговара со Њујорк Тајмс или Волстрит Журнал кога се зборува за квалитетно американско новинарство, за милијардерот Џеф Безос сопственик на Амазон, е само една епизода во овој процес. Веќе подолго време се знаеше дека Вашингтон Пост се наоѓа во неволја.
Семејството Греам, кое веќе 80 години е во поголем дел сопственик на весникот, долго со разни мерки се обидуваше да го запре финансискиот крах на Вашингтон Пост: масовни отпуштања, проширена интернет понуда, странски инвестиции и на крајот обид за претворање на весникот во градски весник на Вашингтон. Сето тоа не вроди со плод. Минатата недела семејството Греам објави дека Вашингтон Пост и во вториот квартал остварил загуба од 14 милиони долари. Тогаш паданала и одлуката да му се продаде на Безос за 250 милиони долари.

Каква намера има Безос?



Но на оваа трансакција се гледа со измешани чувства. Роберт Пикард, професор на Ројтерс институтот за новинарски истражувања при Оксфордскиот универзитет смета дека преземањето на Вашингтон Пост од страна на Безос е позитивен сигнал. „За новинарството, барем краткорочно, е многу добро што во браншата влегува лице кое располага со средства кои можат да отворат нови перспективи“, вели Пикард. Во меѓувреме, продолжува тој, на сите им е јасно оти со весниците не може да се оствари таков профит како што се веруваше во 90-тите.
Дури и недопирливиот Њујорк Тајмс, кој истотака со години е под финансиски притисок, со Мексиканецот Карлос Слим, кој важи за најбогата личност во светот, доведе вложувач, кој не знае ништо за медиумите и кој доволно заработува со своите телекомуникациските компании. „Купувањето голем весник економски нема премногу смисол“, вели Пикард. Затоа Џеф Безос, Вашингтон Пост не го купи во име на Амазон туку како приватно лице, од сопствен џеб. Но ни Пикард ни неговиот колега од Вестминстер универзитетот, Кристијан Фукс не се премногу сигурни каква намера има Безос со угледниот и влијателен дневен весник.

Дигитални искуства

За разлика од финансиските могули активни во секторот на издаваштвото, како Ворен Бафет или Руперт Мардок, Безос досега не истакнувал некои политички цели или погледи кон светот во чие придвижување би му помогнало купувањето на еден медиум. Она што засега е јасно е тоа дека Безос засилено ќе работи на дигитализација на овој медиум. Како тој самиот ја гледа иднината на весниците, откри уште минатата година во разговорот за дневниот весник Берлинер Цајтунг кога го изнесе мислењето дека за 20 години печатени весници нема да постојат. Стручњаците како Фукс иако не веруваат оти  весниците за 20 години ќе исчезнат, сепак сметаат дека онлајн изданијата секако ќе добијат на тежина и ќе се вклопат со печатените понуди.
Џеф Безос поседува големо искуство со својот Амазон и знае како функционира онлајн продажбата но и онлајн издаваштвото. „Тој многу добро ќе проучи како може најдобро да го искористи своето искуство со Амазон и да го примени на Вашингтон Пост“, смета Пикард. Овој стручњак верува дека тоа е и модел кој ќе го доживееме за некоја година и во Европа. „Ако погледнеме наназад 40 години ќе видиме дека европското новинарско издаваштво во трендовите каска десетина години зад американското. Она што сега се случува во Америка ги чека и европските весници“, заклучува Пикард.