1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

25. години од падот на Берлинскиот ѕид

Убиецот на студентот Бено Онезорг од Западен Берлин - член на Штази

Дали историјата на германското студентско движење ќе мора одново да биде пишувана? Историчарите пронајдоа нови документи за полицаецот Карл-Хајнц Курас, кој, во Западен Берлин, го уби студентот Бено Онезорг.

„Тој и` е лојален на Демократска Република Германија“ - со овие зборови Службата за државна безбедност го фали својот информант, Карл-Хајнц Курас. Не се работи за било кој доушник на тајната служба, туку за полицаецот од Западен Берлин, кој на втори јуни 1967 година, смртно го застрела студентот Бено Онезорг, за време на протестите против посетата на Шах Реза Пахлави. Ова може да се прочита во случајно пронајдените акти на тајната служба од поранешната Германска демократска Република.

Двоен живот на полицаецот Курас

Полицаецот Курас од западноберлинската полиција, наводно пукал во самоодбрана и беше ослободен поради недостаток на докази. Но, очигледно Курас водел двоен живот. Кон средината на педесетите години од минатиот век, сакал да се пресели од западниот во источниот дел на

40 Jahre Tod von Benno Ohnesorg - Karl-Heinz Kurras

Карл Хајнц Курас (лево)

Берлин. Но, Службата за државна безбедност од Истокот го убедила дека ќе може да даде многу поголем придонес за социјализмот, ако остане во Западен Берлин. Курас потпишал изјава дека доброволно се зачленува во Социјалистичката партија на Демократска Република Германија и продолжил да работи како полицаец во криминалистичката служба во Западен Берлин, но истовремено доставувал информации и до Службата за државна безбедност на Источен Берлин, од каде добивал парична надокнада за неговата доверлива соработка.

Документите за вмешаноста на Курас во работата на тајната служба на поранешна ГДР ги пронајде историчарот Хелмут Милер-Енбергс, еден од одговорните за расветлување на документите на оваа служба. „Ќе паднев од столот кога го видов ова. Вакво нешто досега не се нашло на моето биро. Сум сретнувал најчудни случаи, но полицаец од Западен Берлин, поставен на врвна позиција, да соработува со тајната служба на Источна Германија - тоа го гледам првпат во овие седумнаесет години, колку што се занимавам со документите“, вели Енбергс.

Актите за полицаецот Курас опфаќаат седумнаесет страници, на кои можат да се најдат секакви информации за неговата личност, но нема ниту збор поврзан со убиството на 26-годишниот Бено Онезорг. „Нема ништо за ова во актите, а не ни изгледа како да требало да застрела некого. Единствено што пишува е дека би бил подготвен да изврши секаква задача. Но, никаде не пишува дека требало да убие некој студент“, објаснува историчарот Енбергс.

Убиство со сомнителна позадина

Stasi Unterlagen als Puzzle Rekonstruktion

Во документите на тајната служба нема ништо за убиството на Онезорг

Денешните историчари се скоро едногласни во мислењето дека убиството на Бено Онезорг во 1967 година доведе до радикализација на студентското движење во доцните шеесети години.

Но, во документите на тајната служба нема ништо за ваквиот развој на настаните. Од нив не може да се заклучи дали Курас пукал свесно и по наредба. Според тоа, историјата на студентското движење не мора одново да се пишува, смета Антје Фолмер, поранешна потпретседателка на Бундестагот и протагонистка на Зелените и припадничка на тогашното студентско движење: „Движењето на студентите не може да се поткупи и не може да биде предизвикано однадвор. Човек мора сам да има идеја в глава. Тогаш имавме сосема други страсти“.

Можно е новопронајдените акти да имаат правни последици. Заменик-претседателот на Здружението на жртвите од сталинизмот минатиот петок покрена тужба против 81-годишниот Курас, кој се` уште живее во Берлин. Берлинското правосудство треба деновиве да одлучи дали одново ќе отвори судски процес, но тоа е малку веројатно - со оглед на фактот што во два наврата Курас беше ослободуван, поради недостаток на докази. Курас демантираше дека соработувал со тајната служба на ГДР, но за весникот „Билд“ призна дека бил член на Социјалистичката партија.

Автор: Клаудија Хенен / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска