1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Убиени деца во самоубиствен напад во Авганистан

Во Авганистан се‘ почесто се случуваат напади врз странски цели. Во денешниот, кога експлодираше бомба наменета на еден воен конвој, се убиени 10 деца, двајца војници на НАТО и еден полицаец.

Најмалку десет деца, двајца војници на НАТО и еден полицаец се убиени денеска (03.06.) во самоубиствен напад со мотор-бомба во близина на училиште во областа Самкани во авганистанската покраина Пактиа, објави локалната полиција.

Во истиот напад полесно се повредени16 цивили и еден полицаец. Цел на нападот била заеднички конвој на американските и авганистанските сили, изјави шефот на покраинската полиција Залмаи Урикаил. Бидејќи експлозијата се случила во време на завршување на наставата во блиското училиште, голем е бројот на повредени деца. Портпарол на меѓународните заштитни сили во Авганистан, ИСАФ, ја потврди смртта на двајца американски војници.

Засега ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот. Југоисточната авганистанската покраина Пактиа инаку важи како едно од упориштата на талибанските бунтовници.

Во источната авганистанска провинција Лагман, пак, според министерството за внатрешни работи, биле убиени најмалку седум цивили, меѓу кои пет жени, кога експлодирала бомба поставена на работ на патот.

Кон крајот на април, талибанците објавија дека ќе ги употребат „сите можни тактики“ за да им нанесат што поголеми штети на авганистанските и странските сили.

Според извештајот на Обединетите нации објавен во февруари, повеќе од 2.750 цивили загинаа, а повеќе од 4.800 се ранети во судирите и насилствата во Авганистан во текот на минатата 2012 година.