1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Убедлива победа на опозицијата во Австралија

Опозициските конзервативци ќе однесат убедлива победа на парламентарните избори во Австралија, покажуваат првичните неофицијални резултати од гласањето.

Конзервативната коалиција која ја предводи Тони Абот (на фотографијата) се наоѓа пред убедлива победа над владејачките Лабуристи на актуелниот премиер Кевин Рaд на парламентарните избори во Австралија. Според излезните анкети по завршувањето на гласањето кои ги презентираше телевизијата ЕјБиСи, опозицијата коалиција се очекува да освои 93 места во 150. члениот парламент, наспроти владејачките Лабуристи кои можат да сметаат на 51 место.

Министерот за одбрана Стивен Смит, кој најави дека ќе се пензионира по изборите, веќе го призна поразот.

„Доколку успееме да освоиме 50 места во парламентот, јас ќе бидам задоволен“, изјави Смит.

Лабуристите ја предводеа владата од 2007 година, но нивното владеење го одбележаа внатрепартиските борби меѓу Кевин Рaд и Џулија Гилард кои на двапати ги менуваа лидерската позиција во партијата и премиерската функција. Вицепремиерот Антони Албанезе призна дека гласачите ги казниле Лабуристите поради партиското неединство.

И аналитичарите се согласни дека најтешкиот пораз на лабуристите уште од 1934 година не се должи на добрата кампања или брилјантноста на опозицискиот лидер Абот. Напротив, тој и во рамките на својата конзервативна партија досега важеше за личност која тешко ќе биде избрана од мнозинството граѓани. Во кампањата Абот бараше од граѓаните да му дадат „чист“ мандат за владеење за да може да ја протурка легислативата со која сака да ги промени законите за оданочување на емисиите на јаглерод и дополнителните даноци кои им беа наметнати на производителите на јаглен и железо.