1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Убав ден за македонскиот спорт

Македонските кошаркари ја забележаа првата победа на ЕП, над Србија, додека фудбалерите во Скопје го совладаа Велс со 2:1.

На убедлив начин кошаркарската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на Евробаскетот, откако синоќа со 89:75 беше совладана фаворизираната Србија. По четвртини - 29:17; 19:15; 22:13 и 19:30. Бодрени од 1.500 македонски навивачи и предводени од Лестер Бо Мекејлеб и капитенот Перо Антиќ, избраниците на Алеш Пипан во текот на целиот натпревар прикажаа максимална борбеност и одлучност да ги освојат бодовите.

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Алеш Пипан не го криеше своето задоволство по големата победа над српскиот национален состав.

„Играчите ги заслужуваат сите честитки поради тоа што одиграа навистина одлично. Фантастично во одбрана, дисциплинирано во напад, пожртвувано и фокусирано. Испочитуваа се‘ што се договоривме, одиграа најдобро кога најмногу требаше, одлично се справија со противниците на секој дел од теренот. Ако вака продолжиме, сигурно ќе имаме уште многу причини за радост“, изјави Пипан веднаш по натпреварот со Србија.

За пласман во следната фаза од натпреварувањето на Македонија ќе и‘ бидат потребни уште две победи на последните два дуели, против Босна и Херцеговина в недела и Летонија в понеделник. Од рака на македонските кошаркари им одеа и резултатите од преостанатите два вчерашни мечеви во групата во кои БиХ ја совлада Црна Гора, додека Литванија беше подобра од Летонија.

И македонската фудбалска репрезентација ја совлада селекцијата на Велс со 2:1 синоќа (06.09.2013) во Скопје во седмиот натпревар во квалификациите за пласман на Мундијалот во Бразил во 2014 година. Македонија поведе со голот на Тричковски во 20. минута. Ибраими изведе слободен удар, а најснаодлив пред голот на Велс беше Тричковски на радост на околу 12.000 гледачи. Велс успеа да го израмни резултат во 38 минута од пенал. Арон Ремзи беше сигурен реализатор. Победоносниот гол го постигна Трајковски десет минути пред крајот, со прецизен удар по земја од околу 20 метри.

Во вторник во Скопје избраниците на Чеде Јаневски ќе имаат можност против Шкотска уште да го подобрат пласманот во групата.