1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Убавини кои допрва се откриваат

Преспа некогаш бил еден од најпечалбарските краишта во Македонија. Сега, печалбарите се враќаат во своите краишта, ги разгоруваат запретаните огништа. Годинешната туристичка сезона овде се оценува како успешна.

default

Преспа привлекува со убавините и пристапните цени

Цар Самоил ја избрал за своја прва престолнина, а на седмо место по убавина Преспа ја смести една од најголемите светски компании за елитен туризам, Аквапура со седиште во Лисабон, заедно со изворите на реката Доро, Бразил, Мексико,Тоскана, Будимпешта и Прага. Некогаш бил еден од најпечалбарските краишта во Македонија, бидејки езерото освен убавината, не им нудел ништо друго на жителите од Брајчино, Љубојно, Долно и Горно Дупени, Езерани, Подмочани. Сега, печалбарите се враќаат во своите краишта, ги разгоруваат запретаните огништа, ги обновуваат занаетите, ги вадат црепните и вршниците за да испечат ѓомлезе, кое како специјалитет им го нудат на посетителите во рестораните, но и по песочните преспански плажи. Седумтемина концесионери кои закупија дел од плажите се задоволни од годинашнава туристичка сезона, но сепак најзаслужно за враќањето на туристите е зголемувањето на нивото на езерото за околу два метри. Јулиета Бекири од Грнчари не крие дека заедно со персоналот од малото ресторанче „Пропер“, кое се наоѓа на само неколку метри од езерото, се труди да ги задоволи потребите на најмладите кои се и најмногубројни.

„Плажата најмногу ја посетуваат младите. Овде се готви скара, пица, хамбургер и тостови“, вели Јулиета.

Resen, Mazedonien

Во Ресен владее соживот

Историјата низ експонати во Етномузејот

Само по четири години брак еден од дупенските младоженци заминал во странство да си ја испроба среќата. Дома ја оставил својата млада невеста со две мали деца. Среќата навистина го послужила, заработил многу пари, но наместо тој да се врати, дома ги испраќал парите и подароците, меѓу кои и прекрасниот кревет кој со брод бил испратен во овој крај. Ако неговата млада жена му го простила заминувањето, овој гест не можела да му го прости, никогаш не легнала во креветот, ноќите ги поминувала сама, спиејќи на дрвениот под. Овој кревет е еден од трите илјади експонати на приватниот Етномузеј на Јоне Ефтимовски од Подмочани. За да го купи првиот, македонска народна носија, цело лето ги пасел говедата на еден селски богаташ,сега има двесте-македонски, но и влашки, албански и турски. „Најстар елемент кој го имам е кафтан, од битолскиот крај и исто така сока која потекнува од овој крај,“ вели Јоне.

„Кога одам да откупувам нешто, откупувам она што е вредно, за мене и за оние кои доаѓаат да видат: тоа што немам појдено на море, четириесет години собирам вредности кои се значајни за Македонија, самото тоа зборува за себе. Јас и сопругата можевме со тие пари да шетаме секаде“, раскажува Јоне. Четириесет години целата звоја заработувачка Јон ја вложувал во Етномузејот, за на светот да му го покаже бесценетото богатство создавано со генерации. Најинтересно е за Израелците, кои и во најголем број доаѓаат овде.

„Дупени бич“ е последната дестинација на преспанското крајбрежје, на неколку чекори од грчката граница. Бошко Димески, кој го води истоименото ресторанче, вели дека кога ја побарал концесијата пред десетина години, во општината не знаеле што значи зборот концесија.

„Кај мене е поуредено во споредба со другите плажи, засадени се дрвја и ова е најчиста плажа, гледате и сами, под секој чадор има корпа“.

Пониски цени отколку во останатите земји

Вгнездено меѓу Пелистер и Галичица, прекрасното Преспанско езеро покрај климата посетителите ги привлекува и со пристапните цени.

„Бевме во Грција, таму едно пиво е десет евра, а овдека е едно евро, значи десет пати се подостапни цените овде отколку во Грција, Хрватска и Црна Гора,“ вели еден од посетителите на оваа плажа.

Prespa See in Mazedonien

На Преспанското Езеро живо ќе биде уште дваесетина дена. Потоа плажите ќе се затворат, гостите ќе заминат, а жителите ќа се вратат на секојдневниот живот. Во едно од малкуте ресторанчиња во Ресен, кој како порта ги дели двете крајбрежја на Преспанското Езеро, сретнавме неколкумина пензионери. Зекирија Дадевски, Киро Цветкоски Нешат Реџепоски на иста маса заедно го пиеја утринското кафе.

„Во Ресен ние имаме братство и единство. Најголемото богатство ни е братството и единството. Немаме разлика меѓу Македонец, Турчин, Албанец или Влав. Сите седиме на маса и пиеме кафе,“ вели Зекирија, а ова секако е и најбитниот фактор гостите да дојдат овде, смета тој.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Жана Ацеска