1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Уапсен Садам Хусеин!

"Дами и господа, го фативме" - зборовите на Пол Бремер предизвикаа воодушевување во салата во која се држеше прес-конференцијата, на која американскиот цивилен управник за Ирак ги потврди вестите за апсењето на Садам Хусеин. "Садам Хусеин беше фатен в сабота на 13 декември околу 20 часот и 30 минути по локално време во една визба во местото, кое е на само 15 км одалечено од Тикрит", објасни Бремер. Садам бил уапсен во некој селски имот кај Тикрит во операција на трупите на коалицијата. Тој е неповреден, за време на операцијата немало ни еден единствен истрел, извести Бремер и оцени: "Ова е голем ден за ирачката историја. Со децении стотици и илјадници страдаа од раката на овој суров човек. Со децении Садам Хусеин ве делеше вас, граѓаните на оваа земја, и ве вртеше едни против други. Со децении тој им се закануваше или дури ги напаѓаше вашите соседи. Тие денови сега се минато - за секогаш. Сега е време да се свртиме кон иднината, кон вашата иднина исполнета со надеж, кон иднината исполнета со помирување. Ирачката иднина, вашата иднина, никогаш порано не била поисполнета со надеж - тиранот е сега затвореник!" На прес-конференцијата беше прикажана и видео-снимка на уапсенииот диктатор. Војниците морале со лопати да копаат за да стигнат до неговото скривалиште. Садам во моментот на апсењето имал брада прошарана со побелени влакна, известија кругови од американската цивилна управа. Војниците го фотографирале и му ја избричиле брадата. Потоа бил повторно фотографиран пред експерти да започнат со анализа на ДНА. "Тестот на ДНА 100-процентно го потврди идентитетот на Садам Хусеин", рече претставник на шефот на ирачкиот Национален конгрес Ахмед Шалаби. Соборениот диктатор е откриен врз основа на информнациите од тајната служба. За Садам САД распишаа потерница со награда од 25 милиони долари. Со апсењето на диктаторот, ирачкото население сега може да биде сигурно дека тој веќе нема да се врати на власт, од што веројатно многумина потајно стравуваа од крајот на војната. Соодветно френетично со истрели во воздух беше проследена во Багдад веста за неговото апсење. Истрели во воздух и меѓусебни честитки на луѓето имаше и во градот Киркук на северот на Ирак. На Садам сега веројатно ќе му биде организиран судски процес пред Судот за воени злосторства, официјално востановен минатата недела од ирачката преодна влада.