1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уапсен осомничениот убиец на Белаид

Три недели по атентатот врз тунискиот опозиционер Шокри Белаид, полицијата, како што тврди, го уапсила осомничениот убиец и еден негов соработник.

Двајцата уапсени се членови на исламистичките салафисти, соопшти претставник на туниската полиција. Министерството за внатрешни работи во Тунис засега не дава изјави околу апсењето на осомничените, кои се во притвор од вчера (25.02).

Осомничениот убиец, 31-годишен занаетчија, наводно веќе го признал делото, јави радиото Мозаик. Притоа, тој се повикал на фатва (исламска пресуда) против Шокри Белаид, кој се залагаше за поделба на државата и религијата. Според полицијата, осомничените извршители на делото се уапсени во предградието Картаго, на северот на Тунис.

Шокри Белаид беше убиен на 6 февруари пред неговиот дом во главниот град. Убиството ја втурна земјата во длабока криза. 48-годишниот правник важеше за еден од најострите критичари на владејачкие исламисти. Неговиот погреб се претвори во една од најголемите протестни акции од почетокот на туниската револуција пред две години. И потоа голем број луѓе протестираа (на фотографијата горе - демонстранти со плакат со ликот на Белаид) на улиците во знак на сеќавање на судбината на Белаид и демонстрирајќи против владејачката исламистичка партија Енада и нејзиниот лидер Рашид Ганучи. Демонстрантите ги обвинуваат Енада и Ганучи дека се одговорни за убиството на Белаид. Ганучи тоа постојано го демантира.