1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Уапсен капитенот на Лацио поради местење натпревари

Италијанската полиција утрово (28.05) изврши рација во кампот на фудбалската репрезентација трагајќи по докази за местење натпревари. Уапсени се 19 лица низ цела Италија.

Капитенот на фудбалскиот тим на Лацио Стефано Маури и други врвни италијански фудбалери се уапсени или се под истрага за учество во местење натпревари во домашното првенство. Италијанската полиција од утрово спроведува претреси во домовите на повеќе познати фудбалери, тренери и фудбалски работници, од кои не е поштеден ниту кампот на фудбалската репрезентација.

Маури е еден од 19-темина уапсени утрово. Десетмина од нив се актуелни или поранешни играчи на клубови од првите четири италијански лиги.

Играчите се осомничени дека добивале пари за да ги местат резултатите од натпреварите, за сметка на моќна мафијашка организација, чиј врв најпрво се наоѓал во Сингапур, а во меѓувреме се префрлил во Унгарија. Во координирана акција во текот на ноќта биле уапсени и петмина обложувачки босови во Унгарија.

Полицијата соопшти дека се сомнева оти биле наместени резултатите на мечевите Лацио-Џенова и Лече-Лацио, во минатогодишната сезона.

Претрес и кај репрезентативците

Flash-Galerie Teilnehmer der Fußball-Europameisterschaft 2012 Italien

Италијанската фудбалска репрезентација

Полицијата утрово упадна во кампот на италијанската репрезентација во близина на Фиренца, која се подготвува за настап на претстојното европско првенство. Претресена била собата на репрезентативецот Доменико Кришито, но тој не е уапсен. Рација била извршена и во домот на тренерот на актуелниот италијански првак Јувентус, Антонио Конте.

Италијанскиот селектор Чезаре Прандели денеска треба да го соопшти 23-члениот состав за Еуро 2012, но засега нема најави дали Кришито, кој е стандарден на левата бековска позиција, инаку играч на рускиот Зенит, ќе си го задржи местото во тимот. Кришито е осомничен дека во мај минатата година, заедно со тогашниот соиграч од Џенова, Џузепе Скули, се сретнал со двајца водачи на навивачката група на Џенова, како и со босански државјанин со криминално досие во ресторан во градот. Обвинителството барало налог за апсење на Скули, но тоа не било одобрено од истражен судија.

Во текот на ноќта бил претресен и домот на фудбалерот на Киево, Серџо Пелисиер.

Големиот скандал со местењето натпревари во Италија, популарно наречен „Калцо Скомезе“ избувна минатата година, откако беше откриена криминалната мрежа. Првоосомничен во аферата е поранешниот славен фудбалер на Лацио, Џузепе „Пепе“ Сињори, кој беше уапсен, а неколку месеци подоцна му беше забранета каква било фудбалска активност во следните 5 години.

Поранешниот репрезентативец и активен фудбалер на Аталанта, Кристијано Дони, исто така се најде меѓу уапсените, и мораше да и‘ стави крај на кариерата по петгодишната забрана за настап. Тој призна дека учестувал во местење натпревари.