1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уапсен е шефот на најголемиот мексикански нарко-картел

Голем успех на мексиканската полиција во борбата против меѓународната трговија со дрога - уапсен е „Ел Чапо“ Гузман, шеф на најмоќниот нарко-картел во земјата. Колку тоа ќе влијае на бизнисот со дрога?

На тој момент мексиканските иследници и јавноста во земјата чекаа долго. Уапсениот Чапо Гузман им е презентиран на медиумите, на аеродромот во главниот град на Мексико. Најмоќниот нарко-шеф во земјата, облечен во светло сина кошула, е речиси незабележлив.

„Во сабота изутрина, во 6:40 часот, единиците на морнарицата ги уапсија Хоакин Гузман и неговите соработници во градот Мазатлан“, соопшти обвинителот Хозе Муријо Карам, додавајќи: „Веќе го идентификувавме со помош на лекари. Сега ќе биде однесен во затвор.“

Чапо Гузман беше шеф на најмоќниот Синалоа-картел, кој контролира големи делови од трговијата со дрога на мексиканскиот пацифички брег во насока на САД. Еднаш е веќе уапсен, во 1993 година, но во 2001 година успеа да побегне од затвор. Со својот картел управуваше и од зад решетки.

При апсењето на Гузман сега наводно не бил испукан ниту еден куршум. Апсењето следувало по повеќенеделно набљудување, со голема поддршка на американските истражни власти.

Joaquin Guzmán

Хоакин Гизман веќе беше уапсен во 1993 година, но успеа да побегне од затвор во 2001-та

Претседателот на Мексико Енрике Пена Нието оцени дека апсењето е голем успех и им се заблагодари на безбедносните власти на земјата поради нивната работа за пример. Државното раководство на Мексико му објави војна на организираниот криминал. Во крвавата војна меѓу нарко-картелите во Мексико досега загинаа повеќе од 70.000 луѓе.

Експертите се скептични

Дел од експертите во земјата по апсењето на Гузман го поставуваат прашањето - дали тоа навистина го ослабнало картелот Синалоа или тој ќе продолжи со работа како досега, само со нов лидер? Новинарката Анабел Хернандез, која со години се занимава со поврзаноста на нарко-мафијата со властите во Мексико, оценува:

„Апсењето на Чапо Гузман е важно, тука нема сомневање, но тоа не е смртен удар врз картелот Синалоа. За успехот да биде вистински, мора да се уапсат гувернери, градоначалници и шефови на полиции кои дозволиле Гузман да стане еден од најмоќните нарко-босови во светот. И мора да се заплени имотот на фирмите и банкарските сметки кои се поврзани со него.“

Други експерти претпоставуваат дека сега во сферата на влијание на Гузман ќе сакаат да навлезат други нарко-картели.