1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Уапсени 17 лица во акцијата „Шпион“

Според македонското МВР, уапсените располагале со доверливи и класифицирани информации кои ги оддавале на повеќе странски служби, со што го загрозиле безбедносниот систем на Македонија.

default

Иво Котевски

Од 22 осомничени, 17 лица денеска (16.09) беа приведени во големата полицска акција под оперативно име „Шпион", тројца биле во бегство, а двајца веќе издржуваат казна затвор. Криминалистичката истрага за оваа операција траела две години. Лицата се приведени под сомнение за шпионажа, уцена, измама и злосторничко здружување.

Според помошникот министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, приведените се од различни профили.

„Двајца од приведените се вработени во Агенцијата за разузнавање, двајца во Управата за безбедност и контраразузнавање, приведени се и двајца сегашни еден поранешен вработен во Министерството за одбрана, еден од Државниот архив на Македонија, четворица поранешни вработени во МВР, како и лице вработено во Собранието со години на иста позиција. Станува збор за комплексен случај, за кој МВР има соодветни докази дека овие лица располагале со доверливи и класифицирани информации кои ги оддавале на повеќе странски служби, со што го загрозиле безбедносниот систем на Македонија. Дел од доказите се обезбедени, а дел се' уште се обезбедуваат и се' уште траат претресите во нивните домови", изјави Котевски.

Меѓу приведените, неофицијално, се Марјан Маџовски, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија од 2005 година и раководител на сектор, режисерот Борис Дамовски од продукцијата „Контрабанда", позната по

анимираниот сатиричен филм „Еднооки" и серија документарци посветени на независноста на Македонија, Ване Цветанов, поранешен директор на Агенција против перење пари, кој пред неколку години ја обвини власта дека не постапува по сознанијата што ги добива Агенијата. Во групата приведени се и поранешниот генерал Горан Стојков, Александар Диневски, приватен детектив и поранешен функционер во МВР, како и бизнисменот Мичо Насковски. Меѓу лицата по кои МВР се' уште трага е новинарот Зоран Божиновски, сопственик на порталот „Буре весник".

Според МВР, некои од приведените, информациите со кои располагале ги користеле за да уценуваат лица и да им изнудуваат пари, за што полицијата располага со докази.

Во јавноста акцијата е дочекана со големо изненадување, со оглед дека станува збор за шаренолико друштво, кое не може да се поврзе ниту професионално, ниту според приватни конекции или актуелна партиска припадност или наклонетост. Утрово дел од осомничените биле приведени во присуство на полициски специјалци и со претрес на нивните домови. Маџовски бил уапсен пред Собранието од полицајци во цивилна облека. Со приведените се' уште разговараат припадници на МВР во неколку полициски станици. По службените разговори со приведените, МВР ќе процесуира кривична пријава во законскиот рок од 24 часа. Од осамостојувањето на Република Македонија, ова е прва оперативна акција за кривичното дело шпионажа.