1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Тутунското лоби- чума за демократијата

Во екот на подготовките на ЕУ за заокружување на последните детали околу директивата за тутунските производи, откритието за опсегот на влијание на тутунското лоби предизвика големи реакции и го смени исходот на дебатата

Пратеникот во Европскиот парламент, Матијас Гроте, социјалдемократ од Германија, се изненади кога прочита дека бил категоризиран како „пријателски кон тутунот“. Можеби неговата желба да ги сослуша различните мислења била погрешно разбрана. „Навикнат сум да разговарам со сите, сакам да слушнам различни аргументи“, вели Гроте.

Во неговата функција, како прв човек на Комитетот за здравство во парламентот, Гроте игра важна улога во однос на политиката кон тутунот, и одлучува за

Tabaklobby SPD Europaparlamentarier Matthias Groote

Матиас Гроте

изгледот на ЕУ директивата која ќе ја регулира оваа индустрија. Во октомври, Европскиот парламент прифати предлог-закон со кој се предвидува кутиите со цигари да бидат прекриени со графички и текстуални предупредувања кои ќе опфаќаат 65 проценти од амбалажата, понатаму, забрана за цигарите со вкус, и регулација на електричните цигари. Сега Европскиот парламент и Советот на министри треба да го дадат последниот збор пред легислативата да им се презентира на земјите членки.

Негативна кампања

Но, во меѓувреме беше откриен скандал кој целосно ја измести дебатата. Се работи за влијанието на тутунското лоби врз процесот на одлучување во Брисел. Тајни документи кои протекоа во јавноста говорат за тоа како гигантот Филип Морис вработил 161 лице за борба против предложената директива, преку директно профилирање и напади врз лица во владата на ЕУ, како и со обиди да се генерира негативно мислење за здравствените и директивите со кои се заштитуваат потрошувачите.

Филип Морис не демантира дека целно таргетирал политичари, но оттаму велат дека нивното однесување било во рамките на дозволеното. Компанијата дури и јавно ги објави имињата на 161 вработен. „Како досега и во иднина ние ќе го искажуваме нашето мислење активно и транспарентно“, вели регионалниот директор за ЕУ на Филип Морис, Драго Азиновиќ.

Но според некои политичари, Филип Морис овојпат ги преминал сите граници. Карл Хајнц Флоренц, демохристијанин од Германија во Европскиот парламент, ги оценува методите на лобирањето како „чума за демократијата“. Од причина што Флоренц е важна фигура во донесувањето на тутунската директива, лобистите на Филип Морис добиле задача да го изолираат во парламентот. Флоренц добивал стотици телефонски повици и електронски пораки, од пријателски укажувања, преку молби, до отворени закани во кои се барало да се откаже од поддршката за директивата. Пораки, со слична а неретко и иста содржина, од наводни граѓански иницијативи, загрижени здруженија и синдикати ја преплавиле неговата пошта. Освен што биле со слични формулации, тие содржеле и лажни бројки, како на пример, дека поради директивата 100 илјади луѓе во ЕУ ќе останат без работа.

Пресврт во последен миг

И Гроте и Флоренц потенцираат дека на парламентот му се потребни лобисти, затоа што тие играат важна улога. Но, со текот на годините, паралелно со растот на моќта на парламентот, расте и силата на лобистите. Околу 30 илјади лобисти секојдневно ги запоседнуват ходниците на парламентот. Тие целат кон одредени пратеници, и честопати обезбедуваат потребни информации. Но Флоренц тврди дека тутунските лобисти го клеветеле пред колегите. „Им велеле дека Флоренц е лош човек кој сака да загрози 100 илјади работни места“. Студија финансирана од Филип Морис утврдила дека со усвојувањето на директивата ЕУ ќе загуби околу 175 илјади работни места, како и речиси 5 милијарди евра од даночни приходи.

Во пресрет на гласањето за директивата, Гроте и Флоренц биле убедени дека ќе доживеат неуспех. Но тогаш, ненадејно избувнал скандалот со тајните документи на Филип Морис. Во нив биле наведени и имињата на парламентарците. „Откако беа откриени документите кај нас одеднаш дојдоа најпрво белгиската делегација, а потоа и ирската и француската“, вели Флоренц. Според него, околу 30 проценти од оние кои претходно се противеле на директивата одеднаш го смениле мислењето.

Предлог-законот кој Гроте наскоро треба да го брани пред Советот на министри навистина ја заострува тутунската регулатива. Тоа е прва ревизија на овој закон во ЕУ во последните 10 години. Но барем во овој случај, корпорациското лобирање не ја постигна целта. Напротив.