1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Туск доаѓа со жолт картон

Ако разговорите Иванов-Туск не дадат резултат, веројатно ќе се премине кон други инструменти: од една страна политичка изолација, а од друга-санкции, оценува Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика

Отворен разговор и директни пораки „без ракавици“, но и последно предупредување од ЕУ во кое ќе бидат предочени ризиците за земјата и за импликациите во регионот, доколку во Македонија продолжи блокадата на демократските процеси. Ова го прогнозираат аналитичари во пресрет на тет-а-тет разговорот меѓу претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој денеска доаѓа во Скопје. Туск доаѓа две недели по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан кој не се сретна со Иванов и не успеа лично да му ги пренесе пораките да се почитува парламентарното мнозинство и да не се поттикнуваат меѓуетнички тензии. За две години ова е трета посета на Туск на Македонија. На последната средба во март 2016 година, Туск и Иванов разговараа за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза. Овојпат повторно ќе разговараат за истите предизвици и улогата на Македонија во справувањето со нив, но многу повеќе за политичката состојба во земјата, нејзината и европската перспектива на регионот. Токму за втората тема планиран е разговор меѓу двајцата соговорници од половина час „во четири очи“, без присуство на советници и дипломати.

Нема да се толерираат фаули

Според аналитичари, ова ќе биде (прет)последно предупредување до Иванов, односно до ВМРО-ДПМНЕ, да не ги блокират демократските процеси во земјата.

„Факт е дека притисокот од ЕУ кон ВМРО-ДПМНЕ се засилува“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова, од Институтот за европска политика - Скопје.

Изјавата на германскиот министер за надворешни работи беше многу јасна поракаи до Иванов и до ВМРО-ДПМНЕ дека ги кршат демократските принципи и дека се очекува од Претседателот да овозможи формирање влада која има мнозинство во Собранието. За жал, кога во континуитет се следат реакциите на европските претставници за веќе долгата македонска политичка криза, ќе се забележи длабока политичка поделеност. Претставниците на ЕПП (Европската народна партија) обично препуштаат поострите опомени да ги дадат претставници на други партии. Ним им требаше многу време воопшто да упатат јавна критика кон ВМРО-ДПМНЕ, на која секогаш ѝ се оставаше доволно простор да може да прикаже во јавноста поддршка од европските сестрински партии обединети во ЕПП. Но и оваа траекторија се менува. Тоа го покажа и февруарската јасна порака од Хан до Иванов - да овозможи да се формира Влада“, потсетува Јорданова.

Таа смета дека денешната посета на Туск, која се најавува во контекст на мигрантската криза, е само „обланда“ која овозможува тој воопшто да има средба со Иванов, по што може да се очекуваат две пораки: една за мигрантската, а друга - за политичката криза.

„Туск (кој инаку припаѓа на ЕПП) не би можел во неговата порака 'да падне пониско' од она што веќе го изјави Хан и може да се очекува да побара од Иванов да даде мандат за формирање на Влада. Секако дека во разговорите 'очи в очи' притисокот кон Иванов ќе биде голем. Ако не црвен, ова сигурно ќе биде жолт картон за ВМРО-ДПМНЕ. За жал, ЕПП досега толерираше многу фаули. Претпоставувам дека ако и денешниот 'пријателски' притисок не успее, веројатно ќе се премине кон други инструменти - од една страна политичка изолација, од друга страна - санкции“, оценува Јорданова.

Тет-а-тет средбата Туск-Иванов е закажана во 14 часот, половина час подоцна е пленарниот состанок на двете делегации, а во 15 часот е предвидено двајцата да дадат изјави за медиуми. Македонија е единствената земја од балканската турнеја на Туск, која не е членка на ЕУ. Туск во Скопје пристигнува по посетата на Словенија, од Скопје ќе замине во Бугарија, а турнејата ќе ја заврши во Грција.

Malta Gipfel der European People Party EPP | Angela Merkel (picture-alliance/Tass/M. Palinchak)

Тукс припаѓа на ЕПП и не би можел во неговата порака „да падне пониско“ од она што веќе го изјави Хан, вели Јорданова

Лицемерен документ

Еден ден пред неговото доаѓање, ВМРО-ДПМНЕ објави „Манифест за единствена Македонија“, кој во пакет со претходно промовираниот „Патоказ за излез од кризата“, го нуди како тема за неопходен општествен дијалог. Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да остави впечаток дека активно бара решение за кризата, но и да го „опреми“ Иванов пред средбата со Туск со „излезни решенија“, наиде на жестоки реакции кај критичарите на власта. Документот е оценет како манипулативна тактика со цел да не биде формирана нова Влада и да се купува време за политичко и правно спасување на претставници на власта. Според професорката Мирјана Најчевска, во него е набројано сѐ што ВМРО-ДПМНЕ не сработило во изминатата деценија на власт.

„ДПМНЕ се обидува да ги избрише изминатите 10 години од историјата и од меморијата на луѓето како никогаш да не постоеле, и нуди визија за прашања кои требаа да бидат разрешени во изминатите 10 години на владеење: ЕУ-интеграција, попис, НАТО-интеграција, воспоставување добрососедски односи, владеење на правото, одговорност, функционирање на институциите, образование, односи меѓу различните етнички заедници...Со други зборови, сè она што требало да го направи ДПМНЕ во десетте години апсолутно владеење, а што не го направило, го нуди како нова визија за наредниот период“, оценува Најчевска.

Манифестот беше искритикуван и од СДСМ.

Petre Silegov (DW/P. Stojanovski )

Шилегов: Интерес и на Ѓорге Иванов е да се разубеди самиот себеси

„Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ едно да зборува, а друго да прави. Најфлагрантен пример е нивното барање за спроведување попис. По 11 години владеење, по потрошени над 14 милиони евра наши, граѓански пари и неспроведување на пописот, сега го издигнуваат на пиедестал како еден од приоритетите на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во моментов нема што да бара. Единствено може да исполни мирно примопредавање на власта, за доброто на граѓаните и на Македонија“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. 

Запрашан дали има оптимизам во СДСМ дека Туск ќе успее да го разубеди Иванов да го даде мандатот, Шилегов одговори: „Интерес и на Ѓорге Иванов е да се разубеди самиот себеси. Тој е еден од кочничарите на демократските процеси, затоа што со одлуката да не го даде мандатот на СДСМ, го урниса уставното уредување на земјата. Република Македонија е парламентарна демократија. Тој што ќе обезбеди мнозинство од повеќе пратеници за коалициско владеење, тој е носител на власта. Иванов треба да се врати на она што е негова задача како претседател на државата, а тоа е да има трансфер на мандатот кон парламентарното мнозинство“.

DW.COM