1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Турчинов - преоден претседател на Украина

Украинскиот парламент денеска (23.02) го избра својот нов спикер, Олександер Турчинов за нов преоден претседател на земјата. Тој апелираше до вторник да биде постигнат договор за влада на национално единство.

Претседателот на украинската Врховна Рада Олександер Турчинов денеска (23.02.) привремено ја презеде должноста претседател на државата, откако вчера беше изгласано отповикување на претседателот Виктор Јанукович и распишаа парламентарни избори на 25 мај. Пратениците во Врховната Рада одлучија сите овластувања на шефот на државата привремено да му се предадат на претседателот на Врховната рада.

Турчинов, заменик на шефот на пратеничката група на партијата Баткившчина (Татковина), вчера е избран за претседател на украинскиот парламент. „ До вторник, 25 февруари, мора да биде постигнат договор за формирање на нова влада на национално единство. Преговорите за новата влада треба веднаш да почнат“, истакна Турчинов.

Тој е близок соработник на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, која вчера беше ослободена од затвор, по што најави дека ќе се кандидира на престојните претседателските избори.

Пратениците изгласаа луксузниот имот на Јанукович во предградие на Киев да биде државна сопственост.

Исто така, пратениците изгласаа и смена на министерот за надворешни работи Леонид Кожара, кој е еден од клучните луѓе во донесувањето на одлуката Јанукович да се откаже од потпишувањето на Договорот за асоцијација со Европската унија. Наследник на Кожара на функцијата шеф на украинската дипломатија засега не е избран.

Претходно, пратениците беа известени дека е издаден налог за апсење на поранешниот министер за финансии Александар Клименка и поранешниот главен обвинител Виктор Пшонка.