1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција - 25 години во чекалната на ЕУ

Мнозинството Турци ја загубија довербата во процесот за членство во ЕУ. За владата тоа се’ уште е вредна, но повеќе не и неопходна цел.

Седејќи во чекалната Турција веќе 25 години не ја промени целта за полноправно членство во ЕУ. Но, земјата со зголемена самодоверба сега има поинаков поглед на ЕУ и сега следи нова стратегија за да постигнување на таа цел.

„Членството во ЕУ е стратешка цел и е државна политика на нашата земја повеќе од половина век“, уверува за Дојче веле турскиот министер за евроинтеграции и главен преговарач Егемен Багис. „Нема да се откажеме од стратешката цел поради неодговорната политика на некои кратковиди политичари во Европа“, вели тој, алудирајќи на силните противници на Турција во Европа, како што е францускиот претседател Никола Саркози, кој успеа да замрзне клучни делови од турските преговори за членство.

Турција е земјата која најдолго чека на листата за прием во ЕУ. Пред 25 години, на 14-ти април, Анкара официјално аплицираше за полноправно членство. Европското патување на Турција започнува дури од 1959-та година, кога Турција аплицираше за придружно членство во Европската економска заедница.

Egemen Bagis Europaminister der türkischen Regierung

Министерот Багис со еврокомесарот Штефан Филе

Од формалната апликација за членство во ЕУ на Турција 15 земји се приклучија во клубот. Како и да е, Турција можеше само да ги започне пристапните преговори во 2005-та година. Поради повеќедеценискиот проблем околу Кипар и противењето на францускиот претседател Никола Саркози на членството на Турција, овој процес речиси и да запре во минативе години. Според турскиот министер Багис, пречките со кои се соочува денес Турција се нефер и политички мотивирани.

Турците ја критикуваат ЕУ поради двојни стандарди

Професорот Џенгиз Актар од универзитетот Бахчешехир е силен поддржувач на реформскиот процес во Турција и за членството на земјата во ЕУ. Тој смета дека во одреден степен постои вина на двете страни за долгогодишното одложување на процесот и сегашниот ќор-сокак. Сепак, тој главно ја критикува ЕУ за пристапот кон Турција.

„Од почетокот на процесот ЕУ не ја третира Турција на истото рамниште со останатите земји кандидатки. За жал, двојните стандарди станаа една од главните карактеристики на овој процес“, вели проф. д-р Актар за Дојче веле.

Се чини дека и јавното мислење воочува двојни стандарди. Поддршката за приклучување во ЕУ опадна на 38 проценти во 2010-та година, додека во 2004-та 73 проценти од Турците рекоа дека членството ќе биде добра работа за земјата, според истражувањето на германскиот Маршалов фонд.

ЕУ како економска и политичка водилка

На процесот за членство во ЕУ долго време во Турција се гледало како на значајна економска и политичка водилка. Процесот доведе до клучни демократски реформи во Турција во периодот од 2000-та до 2005-та година. Странските дирекни инвестиции значително се зголемија, што го помогна турскиот економски бум.

Но, кога процесот за пристапување влезе во тежок период во 2005-та и кога се поткопа перспективата за полноправно членство, пристапот на Анкара кон ЕУ се залади. Денес членството во ЕУ очигледно не е на врвот на приоритетите за владеачката Партија на правдата и развојот.

„Турската влада продолжува со реформскиот процес, но на селективен начин. Владата не ги усвојува целосно нормите и стандардите на ЕУ и прави селекција меѓу нив во линија на домашните политички приоритети“, забележува професорот Актар.

Flash-Galerie EU Türkei Beitrittsverhandlungen Symbolbild

Населението со текот на времето ја загуби довербата во ЕУ

Но, турскиот министер за евроинтеграции Багис не се согласува со овие критики. „И покрај политички мотивираните пречки, ја следиме реформската агенда и ги спроведуваме реформите за да ги исполниме европските стандарди. Во која европска земја можете денес да видите толку брзи реформи, таква силна политичка волја за промена, како онаа во моментов во Турција“, прашува Багис.

Најголем дел од 35-те поглавја за кои се преговара се блокирани поради проблемот околу Кипар и противењето на Франција, но сепак Турција продолжува со хармонизирањето на законодавството, за да биде што поподготвена, ако евентуално се отстрани блокадата. Турските власти сметаат дека ЕУ ќе има придобивки од приемот на земјата.

„Денес ние сме најбрзо растечката земја во Европа“, вели министерот за евроинтеграции додавајќи дека земјата има стратешко значење со близината до енергетските извори суштински за Европа, како и дека Турција беше една од ретките што поттикнуваше на надеж за време на Арапската пролет.

„За нас ЕУ е еден од главните мировни проекти во историјата. А, постоењето на овој проект зависи од интеграцијата и понатамошното проширување“, додава Багис нагласувајќи дека Турција може да биде мостот кон Блискиот Исток.

Евро-сарказам

Во турската јавност од неодамна е регистриран еден нов тренд.

„Сега со зголемената самодоверба на Турција забележуваме нов тренд кој го нарекуваме евро-сарказам. Се’ повеќе слушаме размислувања како – Европа е во тешко време; Ајде да ја спасиме Европа од кризата и така натаму. За жал, од време на време владата охрабрува таков пристап со популистичките изјави“, забележува професорот Актар.

За иднината на турските евроинтеграции тој смета дека треба да се почекаат претседателските изборите годинава во Франција и парламентарните избори следната година во Германија, по што би требало да се седне на маса и да се одлучи за иднината на процесот. Тој смета дека е потребена разумна дата за можно членство.

„За мене 2023-та година, кога е 100 годишнината од модерната турска република е размуна дата за евентуално членство на Турција во ЕУ“, заклучува Актар.

Поврзана содржина