1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Турција сака да прерасне во извозник на енергија

Додека многу земји во ЕУ се' повеќе инвестираат во обновливи енергии, во Турција се планираат три нови атомски централи. Со тоа земјата од увезувач на енергија сака да прерасне во нејзин извезувач.

Турција географски се наоѓа во непосредна близина на преку 70 проценти од светските резерви со нафта и гас. Секоја година илјадници цистерни превезуваат до 150 милиони тони нафта преку Босфор и Дарданелите од Црното Море до Средоземното Море во правец на Западна Европа. Исто така и сопствената потреба за енергија Турција ја покрива претежно со увоз.

Меѓутоа земјата сега сака да се развие во „енергетски извозник“, појасни министерот за енергија Танер Јилдиз: До 2023 година 30 проценти од националната потреба од струја треба да бидат покриени преку локалните обновливи енергетски извори. Освен ова Анкара полага во енергијата од атомските централи. Амбициозниот план гласи: три атомски централи во Турција до 2023 година.

Побараувачката за енергија расте со огромна брзина

Потрошувачката на струја во изминатата деценија од 130 милијарди киловатчасови речиси се удвои на 240 милијарди киловатчасови. Турција имено по Кина е земјата со втора по големената потрошувачка на земјен гас и струја.

„Нашата потреба ќе се удвои и во наредната деценија. Сега се'уште увезуваме 72 проценти од нашата потреба на енергија, но нема да мораме да увезуваме ниту третина од денешниот импорт на земјен гас, штом ќе можат да бидат вклучени нашите атомски централи“, вели турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. „Нашата сметка за земјен гас ќе се намали за 7,2 милијарди долари. Притоа се нуди и можност да се извесува енергија“.

Се планира изградба на три атомски централи

Türkei Start Ölbohrung auf Zypern

Турскиот министер за енергија полага во енергија добиена од атомски централи

Неодамна Турција склучи спогодба вредна 22 милијарди долари со еден јапонско-француски конзорциум за изградба на втора атомска централа во провинцијата Синоп крај Црното Море. Изградбата на првата атомска централа беше договорена уште во 2010 година со руската фирма „Росатом“. Таа треба да стартува во 2019 година.

Во април во Истанбул се одржаа демонстрации против планираната централа - но на нив учествуваа само 50 луѓе. За разлика од многу други западноевропски земји за атомската енергија речиси и да не доаѓа критика од населението. „Демонстрации против атомската енергија речиси и да не наоѓаат одѕив и секако нема да донесат ништо“, вели Танај Сидки Ујар, раководител на одделот за енергија на Мармара универзитетот во Истанбул и претседател на Европското здружение за обновливи енергии, Еуросолар. Тој самиот е член на турската партија на Зелените, но за разлика на пример од Германија, оваа партија во Турција не е застапена во парламентот.

Неопходна е зголемена енергетска ефикасност

Во Турција со огромна брзина се зголемува побарувачката за енергија, нагласува д-р Фатих Бирол, главен економист во Меѓународната агенција за енергија. „Само во однос на струјата Турција мора да дополни според проценките 45 гигавати дополнителен капацитет - повеќе од секоја друга земја во Европа“. Турската влада форсира продукција на енергија во сопствената земја преку атомски централи, јаглен, земјен гас и обновливи енергии, подвлекува Бирол. Меѓутоа тогаш енергијата би морала „да се користи на поефикасен начин долгорочно да се намалат трошоците и проблемите со животната средина“, нагласува економистот.

Tanay Sidki Uyar Energieexperte aus der Türkei

Проф. д-р Танај Сидки Ујар

Исто така и Танај Сидки Ујар е за мерки за штедење на енергијата. Првиот чекор за решение на проблемот би било редуцирање на вкупната потрошувачка на енергија. „Енергетската ефикасност на домаќинствата со европски стандарди - на пример во Германија тие трошат помалку од 50 киловатчасови на метар квадратен. Домаќинствата во Турција трошат до 300 киловатчасови за метар квадратен.“

Инвестиции во обновливи енергии

Неодамна во северо-западната провинција Баликешир беше пуштен во употреба најголемиот ветерен парк во Турција. Инвестиција од 153 милиони евра спроведена во соработка на германската фирма Е.ОН и Сабанчи холдинг, едно од најголемите турски претпријатија. Централата треба да произведува до 500 милиони киловатчасови струја и да ја покрива потребата за струја на, според проценките, 170.000 турски домаќинства. Исто така и во градот Конија во централна Анадолија во моментов инвестираат околу 57 меѓународни фирми на површина од 60 милиони квадратни километри, во црпење на второто по големина наоѓалиште со јаглен во Турицја и да се продуцира соларна енергија.

Меѓутоа инвестициите во обновливи енергии не се доволни. Развојот на Турција е побрз од порастот на инвестициите во овој сектор, вели министерот за енергија Јилдиз. „Турција мора да го диверзифицира енергетскиот сектор. Во иднина мора да продуцираме двојно повеќе струја отколку сега. Оттука се важни планираните атомски централи“, вели Јилдиз.

„Двоен морал на турскиот енергетски сектор“

Голем проблем е доделувањето на лиценци во Турција, вели Танај Сидки Ујар за Дојче веле. „Доколку сакаш да изградиш термоцентрала на јаглен или атомска централа, многу брзо ќе добиеш лиценца за тоа. Кај ветерните турбини тоа е потешко. И тоа во една од најветровитите земји во Европа. Тоа е двоен морал“, вели Ујар во разговор со ДВ.

Од 2007 година во Турција немаше нов конкурс за добивање на лиценца за ветерни турбини. Тоа е поради тоа што турската влада „за добивање на енергија во иднина полага во атомските и термоцентралите на јагелен“, вели Ујар. Според негово мислење Турција и без атомски централи може да се развие во извозник на енергија: со комбинација на ефикасност и обновливи енергии.