1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција продолжува со напади врз сириска територија

Турција е се‘ повеќе соочена со опасноста да биде вовлечена во конфликтот во Сирија. По гранатирањето од сириска територија, Анкара реагира со одмазднички напади. НАТО на итна седница го осуди инцидентот.

По гранатата испукана од сириска територија врз турското село Акчакале, која вчера (03.10) уби две жени и три деца и повреди уште најмалку 13 други лица, турските воени сили возвратија со напади. Според информациите кои утрово доаѓаат од регионот, турските артилериски напади продолжуваат. „Турција ќе одговори секогаш на вакви провокации на сирискиот режим, согласно меѓународното право“, се вели во соопштение од кабинетот на турксиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Турскиот парламент, според информации на медиумите во земјата, денеска треба да расправа за случајот. Притоа, треба да се дебатира околу закон кој во иднина би ги поедноставил противнападите. Предлог законот е сличен на оној според кој се регулирани операциите во северниот дел на Ирак насочени против курдските екстремисти, јави турската новинска агеција Анадолу. Доколку ваков закон стапи во сила, на Анкара ќе и‘ се отвори пат за еднострани воени напади во Сирија, без притоа да мора за секој одделен случај да се договори со западните сојузници во НАТО или со арапските држави.

Клинтон: „Ситуацијата е многу опасна“

На барање на Турција по инцидентот се состана Советот на НАТО. Тој вети поддршка за Турција, а инцидентот на границата е остро осуден како „агресивно дјество“ и „прекршување на меѓународното право“. Во НАТО во Брисел се вели дека ситуацијата се набљудува внимателно. Договорени се натамошни консултации. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во Вашингтон изјави дека ситуацијата „е многу опасна“. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле соопшти дека му изразил сочувство на својот турски колега Ахмет Давутоглу, но истовремено повикал и на разумност и побарал да се дејствува согласно опасната ситуација во регионот.

Сириската влада, според медиумски извештаи, отворила истрага за случајот со гранатирањето. Турскиот телевизиски канал НТВ јави дека сириското министерство за информации изразило и сочувство поради жртвите. Истовремено, министерството во Дамаск побарало од Турција да спречи инфилтрација на борци преку границата, кои режимот на Асад ги карактеризира како терористи.

Од почетокот на насилствата во Сирија Турција прими околу 90.000 сириски бегалци. Дамаск ја обвинува Анкара дека пружа поддршка и на борци на сириската опозиција.