1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција - од регионална сила, кон глобален играч

Турција сака да преземе посилна улога во регионот и во глобалната политика. Но, националните проблеми и регионалните кризи ја ставаат пред големи политички предизвици.

„Турција се разви во една од пет-шест најважни земји во светот“. Некогашниот американски советник за национална безбедност Стивен Хедли деновиве во еден настап пред експерти за надворешна политика уште додаде: „Има одредена иронија во тоа, но ако се погледа економското постигнување, мора да се постави прашањето дали Турција треба да и’ пристапи на ЕУ, или можеби побргу ЕУ да пристапи кон Турција“.

Овие зборови го подвлекуваат забележителниот економски и политички пресврт во Турција и јасно ја покажуваат изменетата перцепција за земјата на меѓународно ниво. Пред десет години Турција уште беше сметана за недоволно развиена и недемократска земја, зависна одпомошта од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која очајнички се обидува да биде примена во ЕУ. Сега, по десетгодишен рекордно висок стопански пораст, земјата со мнозински муслиманско население и со нерелигиозен и демократски политички систем, како и со функционирачко либерално стопанство, служи како можен пример за углед за Блискиот Исток и за Африка.

Растечката моќ на Турција

Во ЕУ никој не го оспорува растечкото значење на Турција, но пристапниот процес е запрен поради деценискиот спор околу Кипар, како и поради ставот на некои од водечките земји во Унијата, кои се за „привилегирано партнерство“ со таа земја, наместо нејзино полноправно членство. Во меѓувреме, Турција постојано го јакне своето влијание, воспоставувајќи поблиски политички и економски врски со регионални организации во цел свет. Министерот за надворешни работи Ахмет Давутолу ја нарекува таа стратегија „надворешна политика од 360 степени“.

Турција отвори десетици нови амбасади и конзулати, посебно во Африка и на Блискиот Исток, го прошири своето присуство во речиси сите мултилатерални организации - од Организацијата на американските држави, преку „Азиско-пацифичката економска унија“, до Африканската унија, во која има статус на набљудувач. Со Арапската лига, пак, редовно одржува министерски средби. Турчин е генерален секретар на Организацијата за исламска соработка од 2005 година, со амбициозна реформска агенда. 

Средна сила

Хусеин Багчи, професор за меѓународни односи, смета дека со овие настојувања Турција станува уште поатрактивен партнер за ЕУ. Тој ја опишува како „средна сила“ - не може самата да влијае или да ги регулира врз политичките текови, но располага со полезни „меки“ фактори на моќ, за да постигне успех во координирана соработка со други земји и меѓународни институции. Тој им се спротивставува на коментарите дека зад надворешно-политичката стратегија на конзервативно-религиозната владеачка партија (АКП) се кријат „нео-османлиски“ или исламистички цели.


„Турција е член на речиси сите политички, економски и безбедносно-политички институции на Западот. Турција соработува со западниот свет“, укажува Багчи. Членка е на Г20, со која ќе претседава во 2015 година. Со економската и воената моќ таа е влијателна регионална сила.

Турција денес е на 17 место во светот според економската сила, догодина би можела да стане и 15-та, проценува ММФ.  Во 2023 година, на стогодишнината од основањето на републиката, земјата - според заменик-премиерот Али Бабаџан, планира да биде една од десетте водечки економии во светот и полноправна членка на ЕУ.
Но, најновиот внатрешно-политички развој, борбата помеѓу секуларистите и владата на конзервативно-религиозната АКП, авторитарните антидемократски тенденции, нерешеното курдско прашање и состојбата со човековите права и слободата на печатот, влијае врз веродостојноста и значењето на Турција како пример за углед. 

Компликувани односи во регионот

Recep Tayyip Erdogan

Реџеп Таип Ердоган

Значително е нарушена и нејзината репутација и способност за вршење позитивно влијание врз земјите од регионот со префинета дипломатија и „меки“ фактори на моќ. Со години таа се однесуваше неутрално во однос на проблемите меѓу земјите од регионот и се обидуваше да се понуди како посредник, на пример во атомскиот спор со Иран, во сириско-израелските односи, а се обидуваше и да го наведе сирискиот претседател Асад на реформи. Но, сега зазема остар курс кон режимот на Асад и ги поддржува опозициските групи. Односите со Израел се веќе подолго време „под мраз’. Затегнати се односите и со Ирак, откако Турција одбива да го израчи побегнатиот ирачки потпретседател Тарек ал-Хашеми, кој таму побара засолниште. Критичарите на АКП се загрижени и дека во регионот можат да настанат два ривалски блока од сунити и Шиити: Иран, Ирак, Сирија и Хезболах во Либан на едната, и Турција, Саудиска Арабија и државите од Заливот на друга страна.
„Турција ќе го зачува влијанието во регионот, можеби и ќе го зголеми. Но, на сосем друг начин отколку досега“, оценува во разговор за Дојче веле надворешно-политичкиот експерт Семих Идиз.