1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција и Израел „на нож“ - умереност е неопходна

Дипломатските тензии меѓу Турција и Израел го загрозуваат чувствителниот баланс на Блискиот исток. Затоа двете земји мора да ги подобрат меѓусебните односи.

default

Дека Реџеп Таип Ердоган нема да срка толку врела каша, како што ја свари пред почетокот на неговата посета на Египет, која почнува денеска, може веќе сега да се претпостави. Турскиот премиер изјави дека „порано или подоцна“ ќе го посети Појасот Газа, кој е под израелска блокада. Актуелните властодршци во Каиро веројатно и не би му дозволиле таква популистичка акција, само неколку дена по нападот врз израелската амбасада во Каиро, по кој персоналот во амбасадата беше приморан на бегство од Египет.

Двоен аршин

Придружбата на бродската флота со хуманитарна помош за Газа од страна на турската морнарица, опција што Ердоган ја стави во игра една година по инцидентот со интервенцијата на израелските специјални сили на бродот „Мави Мармара“, во која беа убиени девет лица, најверојатно нема да се оствари.  Би било фатално кога Турција би игнорирала извештај на ОН, кој ја оцени блокадата на Појасот Газа како оправдана, но нагласи дека израелската акција врз турскиот брод со хуманитарна помош во меѓународни води била претерана.

Не помалку драматичен беше и израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман. Тој говореше за „казнени акции“ против Турција, како на пример поддршка од страна на моќното еврејско лоби во САД за признавање од страна на американскиот Сенат на „геноцид“ врз Ерменците во 1915/16 година. Во игра беше ставена и поддршка за милитантната курдска сепаратистичка организација ПКК (Работничка Партија на Курдистан), која во САД и ЕУ е означена како „терористичка организација“.

Целно здружување е неизбежно

Турција и Израел немаат друга алтернатива, освен мир, и покрај сите застрашувачки сценарија што кружат. Турција е членка на НАТО од 1952 година и е постојано партнер од доверба во сојузот. Таа со децении ја докажува

Baha Güngör DW Türkische Redaktion

Баха Гингер, автор на коментарот

лојалноста кон вредностите на Алијансата. Израел е опкружен од, повеќе или помалку, непријателски настроени соседни држави, во кои деспотите и диктаторите паѓаат еден по друг како кули од карти. Ердоган мора да го прифати извештајот на ОН, а Израел треба да размисли дали можеби нема и други начини за решенија на проблеми од интервенции врз бродови со хуманитарна помош надвор од неговите територијални води и убивање луѓе.

Ердоган, мора пред се‘ да размисли дали воопшто му е потребно вакво заострување на неговата популистичка анти-израелска стратегија. Пред три месеци, тој со речиси 50 проценти од гласовите, беше потврден на функцијата и може да прави што сака, откако внатрешнополитички е маргинализирана некогаш моќната армија.

Ако Ердоган сака да влезе во светската историја, тогаш треба да се потруди за позитивни работи. Разгорување војни и конфликти е многу едноставно. Многу потешко е да се создаде мир и тој да се одржи. На вистинските државници од редот на основачот на турската република Мустафа Кемал Ататурк или поранешниот грчки премиер Елефтериос Венизелос мирот им успева и по векови полни со судири. Тоа им успеа и на државници како францускиот претседател Шарл де Гол и на германскиот канцелар Конрад Аденауер, без кои немаше да успее германско-француското помирување. Ќе имаше ли релаксирање на германско-полските односи да немаше канцелар како Вили Брант?

Доста е од максималистички позиции

Ердоган има доволно добри примери низ историјата на кои може да се угледа. Би било добро кога би се ориентирал кон умереност. Регионалните амбиции за моќ, Турција може поубедливо да ги оствари преку економски развој, обезбедување на кревкиот мир на Блискиот Исток и политика на релаксација на односите со соседите, отколку преку играње со оган во близина на буре со барут.

Турција и Израел се пред предизвикот да најдат веднаш начин за релаксирање на односите и да престанат да ѕвечкаат со сабји. Ни на Ердоган, ниту на Нетанјаху нема да „им падне круна од главата“ ако ги подигнат меѓусебните односи повторно на највисоко можно ниво. Тоа подразбира и дека Израел не треба да се срами да се извини за убивањето луѓе во акцијата на специјалните единици. Опстојување на максималистички позиции е глупаво, бесмислено и згора на се‘ - опасно.

Автор: Баха Гингер

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска