1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција и Ерменија на „курс на затоплување“

Турција и Ерменија имаат намера да ги нормализираат нарушените односи. Во соопштение на Анкара и Ереван се вели дека во наредните шест недели ќе биде подготвен протокол со цел - воспоставување дипломатски односи.

default

Претседателите на двете земји, Абдула Ѓул и Серш Саркисјан, во септември 2008 година

Двете земји немаат меѓусебни дипломатски односи од 1993 година. Тие беа прекинати од страна на Турција, откако Ерменија ја окупираше кавкаската енклава Нагорно Карабах, за која претензии има и Азарбејџан. Анкара има ист став со Баку - постапката е спротивна на меѓународното право. Најважната тема меѓу двете држави, меѓутоа, е пристапот кон заедничкото минато. Ереван инсистира на тоа масовните убиства на Ерменци во времето на Османлиското царство да бидат окарактеризирани како геноцид, додека Анкара жестоко се спротивставува. Турција тврди дека во тоа време имало 300.000 мртви, додека Ерменија наведува дека бројот на убиени е еденипол милион.

Обама: На Турција и Ерменија им е потребна поддршка

Türkei USA Barack Obama bei religiösen Führen in Istanbul

Барак Обама сака да биде конструктивен

Приближувањето меѓу Турција и Ерменија играше важна улога и при посетата на американскиот претседател, Барак Обама. По средбата што Обама ја имаше со министрите за надворешни работи на Турција и Ерменија во Истанбул и на која присуствуваше и шефот на швајцарската дипломатија, американскиот претседател рече: „Не сакам да се фиксирам на моите ставови, туку на ставовите на Ерменците и Турците. Доколку направат напредок и ја обработат нивната трагична историја, тогаш остатокот на светот треба да се обиде да даде поддршка. Јас лично, притоа, сакам да бидам конструктивен колку што е можно повеќе.“

Се‘ почна со „фудбалска дипломатија“

Приближувањето на двете земји се покажа уште пред една година. На почетокот на септември, минатата година, Абдула Ѓул беше првиот турски претседател што замина во посета на Ерменија. Посетата беше по повод еден квалификационен натпревар на двете земји за светското првенство во фудбал и беше наречена „фудбалска дипломатија“. Ѓул, од своја страна, му упати покана на својот ерменски колега Серш Саркисјан да присуствува на возвратниот натпревар во Турција. Натпреварот ќе се игра на 14 октомври во Истанбул, значи за шест недели, или поинаку кажано - по истекот на рокот што двете земји си го поставија за изработка на протоколот кој ќе биде основа за нови билатерални односи.

Автор: Улрих Пик / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска