1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Турција е полуотворен затвор за новинарите“

Во Турција моментно 64 новинари се наоѓаат во затвор, како што јавува најголемата опозицска партија ЦХП. Од почетокот на протестите против премиерот Ердоган, работата на репортерите е се‘ потешка.

Изјава против изјава: премиерот Реџеп Таип Ердоган ја претвори земјата во полуотворено затворско одделение, во кое новинарите не можат да живеат, критикува шефот на Републиканската народна партија, Кемал Киликдароглу. Заменикот премиер Бекир Боздаг противречи: многуте обвинувања на сметка на ЦХП немаат ништо со реалноста.

Но, факт е дека од почетокот на протестите во паркот Гези, редица новинари ја загубија својата работа. Според Здружението на новинарите на Турција, ТГС, постојат 59 случаи од овој вид.

„До отказите дојде пред се‘ преку политиката на цензура во некои медиуми во врска со известувањето за протестите во паркот Гези“, се вели на интернет страницата на Здружението на турските новинари.

„Влијанието на премиерот ги притиска новинарите“

Оваа недела беше отпуштен од работа и новинарот Јавуз Бајдар. Тој веќе девет години работеше како омбудсман за весникот „Сабах“. Весникот, близок до владата, потфрли во известувањето за протестите во Гези, критикува новинарот во разговор за Дојче веле: „Мојата главна задача беше да ги соберам поплаките, реакциите и протестите на читателите и да ги пренесам во моите колумни. Од почетокот на протестите две мои статии не беа објавени“, вели новинарот Бајдар. Тој во Европа е познат како либерален колумнист, на крајот на јуни беше поканет од Европската комисија да одржи предавање во Брисел. Притоа тој изрече критика на сметка на турските медиуми.

Yavuz Baydar Journalist Türkei

Јавуз Бајдар

Кога се врати во Турција, ги доживеал првите јасни форми на цензура, вели Бајдар: „Мојата критика беше насочена кон сите турски медиуми. Тие на пример ги демонизираа СиЕнЕн Интернешнал, Ал Џазира и Ројтерс како дел од глобалниот заговор“. „Сабах“ посебно го нападна германскиот „Шпигел“ зашто објави ударна приказна за протестите во Гези.

„Мојот критички напис за обвинувањата против странските медиуми беше првиот кој редакциското раководство не го објави. Во мојата следна колумна пишував за независноста на омбудсманот од редакциското раководство и општо за веродостојноста на медиумите. Два дена подоцна бев отпуштен“, вели Бајдар.

Во Турција нема ниедна телевизија, која „би била во служба на јавноста, како германски АРД или британски БиБиСи“, вели Бајдар, што според него е загрижувачка ситуација, а виновно за тоа е влијанието на премиерот.

„Многумина членови на владата не се согласни со положбата на медиумите, но заканувачкото присуство и желбите на премиерот ги притискаат медиумите“.

Самоцензура поради страв

Според зборовите на истражувачкиот новинар Ахмет Сик, турското новинарство ги доживува најцрните денови во последните две децении.

„Се‘уште постои цензура. Но, не можам да се сетам кога имало поголема автоцензура отколку денес. Луѓето ги губат работните места, своите колумни и ТВ-емисии“, објаснува Сик за Дојче веле. Тој самиот 13 месеци поминал во затвор зашто му било подметнато членство во вооружена илегална организација („Ергенекон“), вели новинарот.

Ahmet Sik Journalist Türkei

Ахмет Сик

Секој од 64-те новинари, кои според Републиканската народна партија се во затвор, таму е поради својата работа, тврди Сик: „Ако се погледнат случаите и ’доказите’ употребени против нив, ќе се види дека тоа се меѓу другото телефонски разговори меѓу новинарите, со информанти, направени фотографии, напишани текстови“. Нему самиот му е ставена на товар соработка со терористите поради неговите истражувања за пишување книга.

„Кога некого го обвинуваат дека е терорист или дека припаѓа на терористичка организација, тогаш кај него треба да има пронајдено оружје наместо фотоапарат“, критикува Сик.

Самата држава пак врши притисок и грозотии, вели Сик: „Тоа го видовме при протестите. Загинаа шест луѓе, меѓу нив и еден полицаец. Многумина уште страдаат по болниците. Јас не можам да најдам друг термин освен ’тероризам’ за менталитетот една мирна демонстрација да се растури со зачудувачка бруталност“.

„Моментно за новинарите е најдобро да не работат во масовните медиуми. Моите пријатели, кои се вработени таму, засрамено гледаат во земјата“, раскажува Сик.