1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција е меѓу чеканот и наковалната

Турција се наоѓа меѓу чеканот и наковалната по кавкаската криза што ги бранува водите на Црно Море. Таа е распната помеѓу желбите да не ги расипува односите со својот моќен сосед и обврските кон НАТО.

default

Проблем со бродовите?

Иако Анкара се ограничи само на дипломатски коментар дека признавањето на Јужна Осетија и Абхазија е избрзан чекор, односно дека Турција се залага за територијална целовитост на Грузија, од Москва и стигна јасно предупредување дека ке биде главен виновник доколку бродовите на Атланската алијанса не ги испочитуваат одредбите на конвенцијата од Монтре, односно не ги напуштат црноморските води 21 ден по влегувањето.

Бродовите на членките на НАТО поминаа низ Дарданели и Босфор со турска дозвола и образложение дека превезуваат хуманитарна помош за Грузија. Меѓутоа, ваквото објаснение не ја задоволи Москва, која порача дека влегувањето на дополнителен број на странски бродови во Црно Море не е пожелен и дека Турција не би требало да дозволи никакво пробивање на ограничувањата, кои се поставени со договорот од Монтре.

Почитување на договорите

Анкара, од своја страна, соопшти дека со влегувањето на споменатите странски воени бродови во Црно море не е повредена конвенцијата која е потпишана во 1936 – та година. Во мирнодопски услови таа предвидува забрана за влегување на воените бродови на странските земји, чии граници не излегуваат на ова море, само во случај доколку нивната вкупна носивост надминува 45 тони, што со споменатите бродови не е случај. Ваквото ограничување е дополнето и со одредбата дека тие не смеат да се задржат во црноморските води подолго од 21 ден.

На предупредувањата што стигнаа од помошникот на началникот на штабот на руската армија, генерал Анатолиј Ноговицин, одговорија досегашниот прв човек на турската армија, генерал Јашар Бујуканит и новиот командант на поморските сили адмирал Метин Атач, кои рекоа дека „со пропуштањето на странските бродови во Црно Море не се повредени одредбите на конвенцијата за режимот на сообраќајот низ турските теснеци„ односно дека „одговорноста за нивно евентуално задржување подолго од 21 ден, не може да падне само врз Турција, туку и врз Велика Британија и наследникот на Совјетскиот сојуз Русија, кои се сопотписнички на овој договор.

Форми на притисоци

И, додека по руското признавање на Јужна Осетија и Абхазија водите во Црното Море и понатаму вријат, притисокот од Москва Турција јасно да ја дефинира својата позиција во кризата, се‘ повеќе расте. Имено, руските власти деновиве намерно го усложнија увозот на турскиот текстил во оваа земја. На граничните премини се формирани километарски колони со турски шлепери кои чекаат на влез во Русија, а здружението на турските текстилци предупредува дека штетите ќе бидат тешки и неколку милијарди долари, доколку дојде до потполн прекин на извоз на оваа за Турците стратешка стока на руските пазари.

Од сите овие причини е и разбирлива засилената дипломатска активност на Турција, чиј министар за надворешни работи Али Бабаџан размени мислења со Кондолиза Рајс и претставниците на водечките земји на Европската Унија, меѓу кои и со шефот на германската дипломатија Валтер Штајнмајер. По посетата на азербејџанскиот министер за надворешни работи на Анкара, за овој викед е предвидена и посета на неговaта колешка од Грузија, а во Анкара, со приметна доза на возбуда, на 2 септември се очекува и доаѓање на првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров.