1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција: Да се демонстрира сила, но да се остане мирен

Турција мора да остане разумна во однос на Сирија, смета Баха Гингер во својот коментар. Сепак, Русија и Иран остануваат и натаму непознати варијабли во сирискиот конфликт.

Шефот на сирискиот режим Башар ал-Асад не се однесува поразлично од соборените арапски тирани во поновата историја. Неговата смртна борба станува се‘ подива, а неговото самоубиство на рати напреднува. Експлодираните гранати во турското погранично место Акчакале, кои однесоа во смрт невини луѓе, не се ништо друго освен обид на Асад за провокација на силните соседи и оставање пустош во регионот откако тој веќе нема да биде сириски претседател.

Турција реагираше соодветно, изврши воена одмазда без да заземе сириска територија. Но, Турција мора да остане разумна. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во никој случај не смее да си дозволи, осоколен од меѓународната поддршка и изјавите за солидарност, да започне натамошни воени акции против Сирија. Одлуката, донесена од парламентот, со која се дозволува воена сила против агресивните соседни држави, без именично да биде спомната Сирија, не е „карт бланш“ за еднострана акција на НАТО-членката и ставање пред свршен чин на сојузниците од НАТО и европските партнери. Јасната порака на турскиот народ против војна со Сирија по одлуката на парламентот освен тоа јасно покажува колку Ердоган мора да биде внимателен на внатрешно-политички план.

Baha Güngör DW Türkische Redaktion

Баха Гингер, автор на коментарот

Колку помала е надежта Асад доброволно да се откаже од власта и да замине можеби во Москва, толку поразмуно мора да се однесува пред се‘ Турција. Проектот на турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу со многу амбициозниот наслов „ Нула проблеми со сите соседи“, во меѓувреме може да се смета за пропаднат. Турција речиси нема сосед со кого нема проблеми. Поддршката од Западот е ограничена на конфликтот со Сирија и нема да важи ако се работи на пример за Ерменија, Грција или Бугарија.

Непознати варијабли со непредвидливи реакции остануваат Иран и суперсилата Русија. Кремљ се‘ уште го поддржува Башар ал-Асад. Но, рускиот претседател Владимир Путин добро ќе размисли дали се‘ уште се ипслатува ангажирање во корист на диктатор кој тоне и на тој начин предизвикување несигурност кај другите важни партнери во регионот. Што се однесува на Турција, и Иран ќе се ограничи на жестока вербална критика на Анкара без да преземе самоиницијативно никаква воена авантура.

Русија, но и Иран, располагаат со поинакво „оружје“ против Турција, доколку земјата не се однесува разумно: земен гас! Зимата доаѓа а намалување на испораките гас од Русија или енергенси од Иран брзо болно ќе го запрат економскиот развој во Турција. Тогаш ќе биде само прашање на време кога Турција од сегашниот „силен човек на Босфорот“ повторно ќе стане „болен човек“.

А тоа сигурно не е во интерс ниту на САД нити на НАТО. Затоа Ердоган би бил добро советуван да се воздржи од еднострани чекори против Сирија и да дејствува само во договор со Западот и со ОН. Воена одмазда со напади, како во последниов случај или активна поддршка на сириската опозиција мора да бидат засега доволни, за заканувачкиот пожар да не биде предизвикан токму од Турција.