1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Турција го губи интересот за ЕУ

В среда ќе бидат објавени извештаите за напредокот на земјите претенденти за членство во ЕУ, меѓу кои и Турција. Додека турските граѓани го губат интересот за ЕУ, експертите во него гледаат спас за развојот на Турција.

Оваа 2013. година претставува дно во односите меѓу Турција и ЕУ, првенствено поради драстичниот однос на турската полиција кон демонстрантите во масовните протести во паркот Гези. Брисел во јуни планираше да ги отвори разговорите за поглавјето 22 за регионалната политика и координацијата на структурно-политичките инструменти, но Германија и Холандија ги блокираа поради несразмерната употреба на полициска сила против демонстрантите.

Оптимизам и критики од ЕУ

Освен тоа, се‘уште постои проблемот со ограничувањето на слобода на медиумите, поради што и во Извештајот за напредокот на Турција ќе бидат споменати обидите за заплашување на новинарите од страна на политиката, како и на појавата на самоцензура во турските медиуми, вели францускиот дипломат Жан-Морис Рипе, добар познавач на приликите во оваа земја. Влошена е ситуацијата со основните човекови права, според Рипе, што го покажува и најновиот извештај на Европскиот комитет против тортура, кој неодамна ја обвини Турција за малтретирање на младите во турските затвори.

Но, од Брисел не доаѓа само критика на сметка на Турција. Минатата недела ЕУ покажа задоволство од новиот „пакет демократски мерки“ во Анкара, фалејќи ги реформите од премиерот Ердоган. Пакетот содржи меѓу другото разлабавување на забраната за носење шамија, како и повеќе права за малцинствата. Двете работи еврокомесарот за проширување Штефан Филе ги оцени како напредок.

Тие исто така ќе бидат дел од Извештајот за напредокот на Турција, вели Жан-Морис Рипе.

Слабее турскиот интерес за ЕУ

Турција од 2005. година е официјално кандидат за членство во ЕУ. Но, се чини дека интересот за ЕУ во Турција се лади. Актуелното испитување на јавното мислење покажува дека денес само 44 проценти од Турците претпочитаа влез во Унијата. Во 2004. година беа дури 73 проценти.

Истовремено, дури 34 насто од Турците се против влез во ЕУ, додека пред девет години така се изјаснија само 9 проценти. Освен тоа, 38 насто од Турците сметаат дека земјата треба да делува независно во меѓународните случувања, а само 21 насто претпочитаат соработка на Турција со ЕУ.

И политиката во меѓувреме шири се‘ помалку надеж во влез во ЕУ. Турскиот министер за Европа Егемен Багис мисли дека Турција можеби никогаш нема да биде примена во ЕУ: „Долгорочно, мислам дека Турција ќе заврши како Норвешка. Ќе ги достигнеме европските стандарди, ќе бидеме тесно усогласени меѓусебно, но никогаш нема да бидеме членка“, рече Багис за турскиот весник „Хуриет“.

ЕУ е без алтернатива за турската економија

Други тонови доаѓаат од стопанските кругови. Михарем Јилмаз, претседател на Здужението на турските индустријалци и бизнисмени, е уверен дека Турција мора повторно да ги интензивира напорите за влез во ЕУ, ако сака економски развој, политичка стабилност и демократизација. И поранешниот министер за економија Кемал Дервиш за „Хуриет“ гласно бара зголемен ангажман за пристап кон ЕУ.

„Во економски поглед, на Турција и‘ треба ЕУ“, вели Мустафа Сонмез, економист и економски новинар во разговор за Дојче веле.Турското стопанство расте преку добивање странски капитал, затоа на Турција тој и‘ е потребен.

„Важно е да се биде членка на ЕУ или кандидат кога се работи за странски инвестици. Странските инвеститори ја оценуваат одредена земја според посебни стандарди. Самите напори на Турција да стане членка на ЕУ привлекуваат инвеститори од странство“, истакнува Сонмез.

ЕУ како политички мотор на Турција

Политикологот Сенем Ајдин во ЕУ гледа мотор од аспект на процесот на демократизација на Турција:

„Во последните пет години стана видно дека турската демократија страдаше без влијанието од ЕУ“. Ајдин не гледа многу надеж од новиот пакет демократски мерки на владата на Ердиган во однос на подобрување на релацијата ЕУ-Турција:

„Главниот проблем за стагнирањето на односите меѓу Турција и ЕУ е кипарскиот проблем. Ако тој не биде решен, нема да има напредок во пристапните преговори. Можат да се тресат од ракав колку сакаш демократски пакети, тоа ништо нема да донесе“, тврди Ајдин за Дојче веле.

Уште со денови пред објавувањето на Извештајот за напредокот на Турција, гласни се критиките на негова сметка. Тусркиот министерза Европа Багис на Твитер го критикува терминот на објавувањето, за време на муслиманскиот празник на жртвувањето.

„За нас тој е како Божик, значи, да не се објавува Извештајот во ова време. Но, тие не сакаат да слушаат. Без коментар до крајот на празникот“, вели Багис на Твитер.