1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција го возвраќа ударот – Франција изврши геноцид во Алжир

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ја обвини денеска Франција за геноцид во Алжир. Во меѓувреме, турскиот амбасадор го напушти Париз и се врати на консултации во земјата.

default

Односите меѓу Франција и Турција се заострија по изгласувањето на законот за геноцидот врз Ерменците

Обвинувањето за француски геноцид во Алжир стаса откако вчера (22.12.) француските парламентарци во Долниот дом го изгласаа предлог-законот со кој негирањето на геноцидот врз Ерменците, извршен во Отоманската империја во 1915-та година, се прогласува за кривично дело.

„Францускиот масакар се проценува на 15 проценти од популацијата во Алжир, почнувајќи од 1945-та. Ова е геноцид“, рече на прес-конференција Ердоган.

Спорниот закон во Франција предвидува казна затвор од една година или парична казна од 45 000 евра, доколку се негира геноцидот врз Ерменците.

Türkei Ministerpräsident Recep Tayyip Erdogan in Ankara

Ердоган обвинува дека Франција прави геноцид во Алжир од 1945 година

Така, дипломатските односи меѓу Париз и Анкара се заладија и можеше да се предвиди првата реакција – Турција го повлече амбасадорот од Париз. Но, 50-те француски пратеници, кои со големо мнозинство гласаа за законот, не сакаа да потклекнат под притисокот што го вршеше Анкара во минатите денови. Пратеничката Валери Боаје го предложи законот според кој, откако ќе биде усвоен и во Горниот дом на парламентот – Сенатот, ќе се казнува негирањето на геноцидот врз Ерменците.

„Повеќе пати повторивме дека текстот не е насочен против една одредена земја. Но, однесувањето на една одредена земја, која тежнее кон Европа, но и како прва се заканува со одмазда кон Франција, која, пак, само се потпира врз европското право, е противречно. Освен тоа таа се заканува и со економски санкции, со што би ги погазила меѓународните договори“, вели Валери Боаје, членка на конзервативната партија УМП на Никола Саркози.

Задоволство во Ерменија

Armenien Frankreich Genozid Völkermord Vertreibung Denkmal in Eriwan Nicolas Sarkozy und Serge Sarkisian

Никола Саркози и Серге Саркисиан во меморијалниот центар за геноцидот врз Ерменците во Ереван

Шефот на ерменската дипломатија Едуард Налбадијан и’ изрази благодарност на Франција со зборовите:

„Сакам уште еднаш да им изразам благодарност на највисоките француски надлежни органи, на парламентот и францускиот народ“.

Во Ерменската престолнина Ереван, еден од посетителите на музејот на геноцидот вака реагираше на одлуката на француските пратеници:

„Тие тоа го прават за целиот свет, за идната генерација, која за историјата се информира и на интернет. Интернетот е полн со погрешни информации и може луѓето да ги држи во заблуда. Ако светот не го признае и не го осуди геноцидот врз Ерменците, првиот геноцид во 20-тиот век, тогаш такво нешто може повторно да се случи“.

Протести во Франција

Во четвртокот утрото околу илјада Французи со турско потекло протестираа против нацрт-законот. Еден маж притоа рече:

„Овде се криминализира една цела група на жители. Нас во Франција не‘ има околу половина милион до шестотини илјади. И сето тоа за да се обезбедат гласови од Французите со потекло од Ерменија“.

Тоа е аргумент за кој се расправаше и во парламентот. Пратеничките групи им препуштија на пратениците да гласаат според совест. Така, малцинство во сите политички табори беше мислењето дека не треба да се казнува негирањето на геноцидот врз Ерменците во Првата светска војна.

Frankreich Türkei Armenier verabschiedet Genozid Gesetz Parlament in Paris

Во францускиот парламент се водеше дебата дека новиот закон има предизборна цел

Во Франција уште пред десет години е усвоен закон според кој Франција го признава тоа злосторство како геноцид. Претседателот Саркози во 2007-ма, кратко по изборот, имаше намера со новиот закон да ги опфати и казните.

Францускиот правник Роберт Бадентер се смешка кога зборува за законот, којшто е усвоен токму сега - на четири месеци пред претседателските избори.

„Не станува збор за ненадејна посветеност само на исправање на историјата, што ги тера пратениците на ваква одлука. Сенатот еднаш веќе ја одби таа игра и сфати дека тоа е противуставно. Политиката не е историска наука. Да ја препуштиме историјата на историчарите“, порачува Роберт Бадентер.

Автор: Јоханес Дуров / Александар Методијев

Редактор: Ж. Ацеска