1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турција гарантира дека нема да ја нападне Сирија

Анкара ги отфрли стравувањата за евентуална еднострана акција против Сирија, но е разочарана од односот на светските сили и бара заеднички напор за справување со бегалската криза.

На неодамнешната дводневна конференција организирана од Друштвото за Југоисточна Европа во Берлин, висок турски дипломат соопшти дека неговата земја нема да преземе унилатерална акција против Сирија, и покрај растечката нервоза на Анкара.

„Нашите црвени линии во однос на Сирија се веќе преминати. Но нашите раце се врзани“, изјави турскиот амбасадор во ЕУ, Селим Јенел пред бројните присутни дипломати, политичари и експерти на конференцијата.

„Се‘ додека Советот за безбедност на ОН е заглавен со ветото од Кина и Русија, ние не можеме ништо да сториме. Тоа е проблемот“, рече Јенел.

Растечките тензии на турско-сириската граница, во комбинација со се’ понаметливата турска надворешна политика, ги зголеми стравувањата во европските главни градови дека Анкара ќе преземе еднострана акција против Сирија, што би довело до неконтролирана ескалација на кризата.

На почетокот на месецов, по сириското гранатирање на турска територија, парламентот во Анкара одобри испраќање трупи на територијата на соседната држава, со што се отвори патот за еднострана акција.

Загриженост од еднострана акција

José Manuel Barroso und Selim Yenel

Селим Јенел (десно) со претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо

Сепак, изјавите на амбасадорот Јенел во Берлин ги потсмирија германските политичари и дипломати. Поранешниот државен секретар во германското МНР, Гернот Ерлер вели дека курдското движење во Сирија и турската перцепција за заканата од нив, биле неговата најголема грижа.

„Не би можел да исклучам дека ќе се случи некаков воен конфликт во регионот со скриена агенда- а таа агенда би можело да биде курдското прашање“, вели Ерлер за ДВ.

„По оваа дебата помалку сум загрижен за тоа, но сеедно, во Германија постои загриженост за случувањата во тој регион“, објаснува Ерлер.

Со продлабочувањето на кризата во Сирија, Турција се соочи со нестабилност во своето соседство и растечки безбедносен ризик, во прв ред опасност од тоа Курдската работничка партија да создаде курдска држава во нејзиното најблиско соседство. Турција бараше брза меѓународна акција во Сирија со која би се олеснило предавањето на власта и демократските промени, а во исто време ги помагаше и сириските опозициски групи.

Во истовреме Турција мора да излезе на крај и со напливот на бегалци од Сирија, чиј број во меѓувреме достигна околу 100 илјади луѓе. Барањето на Анкара за формирање „зона на забранети летови“ на дел од сириската територија, беше одбиено и од нејзините сојузници, па оттука се зголемија и стравувањата од унилатерална акција.

Турција (не) е осамена

„Доколку Турција нападне сама, сите ќе ја критикуваат таквата акција. Ќе

прашуваат: Дали е ова нео-отоманство, или што да е?! Веднаш ќе сфатиме дека никој не не‘ поддржува и дека сме сами“, вели амбасадорот Јенел. Ваквите забелешки само ја потврдуваат фрустрацијата на Турција со своите сојузници во НАТО. Во прв ред тоа се однесува на САД, каде администрацијата на претседателот Барак Обама одби да земе поактивно учество во кризата, во пресрет на претстојните претседателски избори.

Иако голем број аналитичари сметаат дека Турција е изолирана во сириската криза, Германија се обидува преку дијалог на високо ниво да покаже солидарност со Анкара, како што тоа беше случај при неодамнешната посета на шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле.

„Турција не е изолирана. Земјата одлично се справува со кризата и постојано ги информира НАТО сојузниците околу тоа што се случува, а НАТО целосно стои зад Турција“, вели специјалниот пратеник на германската влада за Југоисточна Европа, Гроф Николаус Ламбсдорф.