1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Турција во ЕУ: да или не?

Пред одлуката на самитот на ЕУ во Брисел на 16 и 17 декември околу тоа дали да започнат преговори со Анкара за нејзино идно членство во Европската унија, со уредникот на турската програма на Дојче веле, Баха Гингер разговараше уредникот на македонската програма Нада Штајнман.

Ќе гласа ли и Турција некогаш за европскиот устав?

Ќе гласа ли и Турција некогаш за европскиот устав?

Со години се дебатира за членството на Турција во ЕУ. Последниве месеци, а посебно пред 17 декември дискусијата се вжешти . Што може да се очекува од Конференцијата во Брисел, целосно членство или пак некакво друго алтернативно решение?

Поставената цел е сосема јасна. Турција со право бара да започнат преговорите за нејзин прием со крајна цел полноправно членство во ЕУ. Приемот може да уследи по 15 или 20 години , но тоа во моментов не е актуелно. Сега е важно да се одржи европскатга перспектива на Турција, а тоа не е само добро за Турција , тоа е добро и за Европа и за Германија. Идните интереси на Европа, како политичките, така економските и безбедносно политичките водат преку Турција и поради тоа Турција мора да остане на европските шини и во никој случај не смее да се ризикува и таа да биде доведена во ситуација да бара други алтернативи.

Во моментов, меѓутоа, гледаме дека не само во Германија, туку и во други европски држави се чувствува отпор . Последните сондажи покажуваат дека покрај Германците, и Франзуците, Италијанците и други имаат задршки. Зошто и покрај толку големиот отпор, Турција настојува на членство во ЕУ и каде ги поставува своите приоритети?

Има земји, меѓутоа, кои се за членство на Турција во ЕУ како на пример Велика Британија, Шпанија, па дури и Грците сакаат Турција да влезе во ЕУ. А, зошто Турција сака во Европа односно во ЕУ?

Турција е исламска земја, но не како земја која е исламска, туку народот е муслимански. Турција е лаицистичка република која си постави за цел да го достигне нивото на современите цивилизации. Тоа е описот за Европа. Турција секогаш се ориентираше спрема Европа и за Турција е од посебна важност да ја достигне поставенатга цел затоа што развојот на земјата, како политички, така економски и општествено зависи од тоа земјата да стане европска, односно да биде призната како таква. Од друга страна Европејците треба да кажат: би било добро ако ја примиме Турција односно ако со неа водиме сериозни пореговори за зачленување. Имено, ако Турција навистина се развива во правец на Европа тоа е добро и за Европа, затоа што Европа посакува да ја игра улогата на глобал плејер и во меѓународната политика да добие поголемо право на збор и да добие поголемо значење. А, ако Европејците тоа го посакуваат, тогаш треба да кажат : ние треба да сме подготвени да соработуваме со други култури и со други религии и да воспоставиме цврст дијалог. Таков дијалог е можен со Турција и ако тоа успее со Турција, тогаш и Европа ќе може со право да бара, Европа да не биде само континент каде само Христијаните се чувствуваат дома, туку како Заедница на 25, односно на 27 држави да биде во состојба со други култури и религии да започне нови дијалог-проекти за иднината.

Овде во Германија во моментов доживуваме да видиме дека постојат големи разлики во мислењата кај позицијата и опозицијата околу зачленувањето на Турција во ЕУ. Што мислите, од каде кај германската опозиција толкав отпор против турското членство во ЕУ?


Знаете, за стравовите на Германците треба да се има разбирање. Постојат големи стравови. Во Германија има околу 2,5 милиони луѓе од Турција кои ја променија сликата на улиците. Постојат стравови од паралелни општества, од економски оптоварувања на буџетот на ЕУ и на други буџети, како и на германскиот. Треба да се има разбирање за таквите стравови, а дали се тие оправдани тоа е друго прашање. Сега се работи за тоа на некои партии кои се популистички ориентирани, а тоа на партиите мора да им се укаже дека предизборната кампања не смее да се води на сметка на Турција и врз основа на стравовите да се води политика. За во иднина би требало да се знае дека кога се говори за тоа дека Турците мора да се интегрираат, тогаш треба да се каже дека треба да се признаат и нивните културни корени и нивната религија. Тоа треба да се признае, а потоа може да се каже: вие треба да се интегрирате овде во Германија, да го научите германскиот јазик и средината да ја третирате како таква што одлучува. Турција не е било која држава кога била создадена- некој вид банана република во Карибикот или нешто слично. Турција ги има своите цврсти корени во Европа , како позитивно, така и негативно погледнато. На пример, на Балканот турската, османлиската историја, имаше позитивни и негативни страни . Поради тоа за да се придобие Турција таа би требало барем на Балканот да се третира како партнер за развојот на балканскиот регион, на балканските земји. Тука би требало да се смета на Турција, да се има доверба во неа. Таа безбедносно - политички е многу важен фактор во регионот. Ние знаеме што се случи и што ќе се случува на Балканот или на Кавказ, во Украина. Поради тоа Турција би требала да биде третирана така што Европејците би можеле да бидат сигурни дека Турците ќе говорат со европски јазик во регионите каде се присутни, на Блискиот исток, во исламските заедници на Кавказ, со Русите. Тоа според мене е подобро одошто Турците овде во Европа да говорат со ориентален јазик.

Германците радо одат на одмор во Турција јадат донер, но сепак постојат предрасуди. Вие ги спомнавте, паралелни општества, водечка култура и тн. Тоа во моментов му дава белег на општеството. Сега кога се води и дискусијата за членство на Турција во ЕУ, критиката во однос на Турците е поизразена од било кога порано. Зошто?

Тоа се случува затоа што Турците и Германците го преспаа времето. Во 60 и 70 - тите години беше потребна работната сила на Турците, а тогаш не се мислеше на тоа дека луѓе доаѓаат овде. Тогаш се мислеше дека Турците ја сакаат својата татковина , ќе работат неколку години, ќе заштедат и ќе се вратат. Фатално беше што и Турците така мислеа. Но, со текот на времето се покажа дека луѓето останаа овде, овде изродија деца, создадоа семејства, се роди втората и третата генерација . Одеднаш луѓето сфатија дека Турците не се враќаат назад, дека имаат 140 илјади штедни книшки. Тие плаќаат во германските социјални каси и нема да се вратат дома. Се поголем број Турци го земаат германското државјанство; бројот е некаде околу 700 односно 800 илјади. Турците значи остануваат, а Германците треба да речат: ние сме општество на доселеници. Тоа Германците треба да го признаат и да сфатат дека нема повеќе странски работници како што порано се нарекуваа, туку тоа се постојани фактори како многу други малцинства од источна Европа кои сега дојдоа во Германија . Треба соочување со оваа култура и да се бараат патишта, не за да се воведуваат водечки лајт култури, туку културите паралелно подеднакво да се третираат и меќусебно да се почитуваат. Тоа го вели и Гете. Тој вели дека од други култури се плашат само оние кои не ги познаваат. Значи, треба заемно да се запознаеме. А, колку е тоа важно видовме токму во случувањата на Балканот каде од 90- тите години многу култури и религии и етнички групи не се признаваат. Имаше ужасни конфронтации, но полека таму започнува процесот на меѓусебно признавање, да го нема повеќе она дека едните се подобри од другите. Луѓето се доближуваат, и на Балканот станува се помирно. Слично е и со Туурците. Секако дека Турците треба да го научат германскиот јазик. Не е добро ако Турците од раѓање до смрт живеат во Германија, а не говорат германски, така што постојано се упатени на помош од Германците. Но, исто така тоа не треба да значи дека секој Турчин треба да се однесува како Германец. Се работи за менталитет, темперамент, што не може да се смени со пасоши и со државјанство.

Велите Германците треба да направат ова или она за Турците да бидат интегрирани во општеството. Но што треба да направат Турците од своја страна. Секако дека и религијата игра некаква улога. Да не заборавиме дека и во Турција не сите се за прием во ЕУ. Какво е расположението во Турција?

Во последниве месеци во Турција не се водеше вистинска дебата Се велеше само: ние сакаме во ЕУ. Како што и во Европа по 63-та, по спогодбата за асоцијација, на Турција и беше речено: Европа не е географски, туку е политички поим. Во моментов во Турција се прават анкети според кои 75 проценти од населението се за зачленување во ЕУ. Во Германија ,Франција, Италија луѓето се против членство на Турција во ЕУ. Овде не се дебатира за предности и слабости. Турците, на пример, не знаат од какви права на суверенитет треба да се откажат. Тоа допрва ќе дојде. Но, фатално би било сега веќе да се рече: Турција не и припаѓа на Европа, преговорите за зачленување нема да отпочнат. Тоа би било фатално затоа што тоа би можело да има спротивен ефект што би се одразил во 75- процентно негирање на Европа. Исто така би требало да се говори и за трошоците. Мирот секако чини повеќе пари одошто карањето. Културниот мир со Турција секако ќе чини доста пари. Но, треба да се направи сметка: колку ќе чини ако Турција се остави пред вратата. Тоа за Европа ќе биде поскапо одошто ако во својот брод ја прими и Турција. Турците знаат: ако влезат во Европа ќе треба да ги почитуваат правата на клубот, а тие се викаат демократија,права на малцинствата, економска обнова . Ако Турците не постапуваат така како што бараат Европејците, тогаш Турција нема да може да ја постигне целта да биде член на семејство во кое ќе се третира како современа цивилизација .

Ако сега на 17 - ти декември во Брисел работите не се одвиваат онака како што посакува турскиот премиер Ердоган, дали тогаш тоа ќе биде подем за фундаменталистите во Турција да повикаат на изолација ?

Секако дека има исламисти во Турција кои велат: оставете не подобро да бидеме број 1 во исламскиот свет, одошто задното светло во Европа. Но, не треба да мислиме само на фундаменталистите, туку и на националистите и на кемалистите. Тие одвај чекаат Европа да направи таква грешка за да можат да речат: погледнете луѓе, Европа не не сака, ајде да направиме повторно посилна национална држава. Се плашам дека тоа не би било добро за Турција, но ниту за регионот. Ако една таква држава се изгуби, тогаш Американците уште повеќе ќе го засилат своето влијание во регионот. А, дали е тоа во корист на благосостојбата на Европа - во тоа се сомневам. Поради тоа, ниту на фундаменталистите, ниту пак на непоправливите националисти треба да им се даде таква шанса да бараат зајакнување нанационалната држава. Живееме во 21 век во кој националните држави имаат се помала вредност. Сега се работи за глобалниот мир, а таков мир е можен само ако се изнајде пат сите религии , култури, менталитети и темпераменти да се стават под иста капа. А, таквата капа може да го носи само името: демократија, човекови права, малцински права и развој на човештвото.