1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Турција – атентат

При атентат во источната турска покраина Ван три лица го загубија животот, а 24 се повредени. Нападот му беше наменет на гувернерот на покраината, Хикмет Тан, кој меѓутоа остана неповреден

Бомбата била скриена во еден паркиран автомобил на патот по кој се движела колоната автомобили на гувернерот кон неговото работно место. Возилото во кое била сместена експлозивната направа му припаѓало на еден соработник на градската управа, кој веднаш по апсењето тврдеше дека го продал пред еден месец. Од силната експлозија среде раздвижениот центар на градот настрадаа минувачи и сопственици на околните продавници, а беше причинета и поголема материјална штета. Улиците се наполнија со вода од распрснатите водоводни цевки, што значително ги отежна активностите на спасувачките екипи. Во близина била откриена и втора бомба, што полицијата успеала на време да ја демонтира.

За сега никој не ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад, но турската полиција се сомнева дека зад атентатот стојат приврзеници на Курдистанската Работничка партија (ПКК), која на 1. Јуни го прекина еднострано прогласеното примирје. Министерот за внатрешни работи Абдилкадир Аксу, како и бројни курдски политичари го осудија атентатот. Терористичките напади како овој не можат да го нарушат мирот и климата на сигурност во Турција, нагласи Аксу. Во минатото гувернерите на турските покраини во повеќе наврати беа цел на терористичка напади од овој вид, а зад поголемиот дел од нив се смета дека стојат приврзаници на ПКК.