1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турците, Виетнамците и Србите рекордери по лажни бракови

Мигрантите од Србија се трети според бројот на бракови склучени за да си обезбедат документи за престој во Германија, покажува студија на Европската мрежа за интеграција.

Околу 40 мигранти со потекло од Србија во 2010. година склучиле бракови со германски граѓани за да си обезбедат дозвола за престој во Германија, додека во 2009. бројот на такви бракови бил 64, пренесува ЕурАктив.

На прво место се Турците за кои постојат сомневања дека во 2010. склучиле 214 бракови поради документи во Германија, а на второ се дојденци од Виетнам со 96 сомнителни бракови. Зад Србите се мигрантите од Косово со 38 склучени сомнителни бракови, а потоа следува Босна и Херцеговина. Нема мигранти од Македонија меѓу првите десет националности на листата која ја објавува ЕурАктив.

Во ЕУ владее уверување дека лажните бракови, како и пријавувањето на лажно родителство се чести, но многу тешко се доаѓа до докази за нив. Најчест облик на лажно родителство е кога мигрантот тврди дека е родител или старател на дете кое има државјанство на некоја земја-членка на ЕУ.

Најчест мотив на некој спонзор или државјанин на ЕУ да прифати склучување лажен брак е финансискиот, но постојат сознанија дека криминални групи, најчесто во Италија, се јавуваат како посредници во наоѓањето спонзори. Некогаш мотивот е да се помогне на пријател или на познаник, од сочуство кон мигрантите, но и поради идеали: кога спонзорот не се согласува со политиката на својата земја кон мигрантите (чест случај и во Германија).

Од друга страна, главен мотив на мигрантите кои склучуваат бракови заради документи е да се добие дозвола за престој, а неретко и дополнителни бенефиции од државата.

Полицијата речиси немоќна

Државите од ЕУ на различни начини се обидуваат да ги спречат браковите поради документи - амбасадите на повеќето ЕУ земји во државите од каде потекнуваат мигрантите собираат информации за нив, разговараат со нив и со нивните сопружници, а полицијата го проверува и местото на престој на брачниот пар.

Во случај на лажно родителство, доколку семејството не може да достави каков било документ за да ја докаже врската меѓу родителот-мигрант и детето, во некои земји властите можат да побараат и ДНК тест. За злоупотреба на правото на спојување на семејство во голем број земји се пропишани парични и затворски казни, а мигрантот може да биде казнет и со одземање на дозволата за престој.

Во ЕУ во 2010. година биле издадени над 747 илјади дозволи за престој поради спојување на семејства, што е 68 отсто од сите дозволи издадени на странци надвор од ЕУ.