Турско-израелско-палестински повик за мир на Блискиот исток | Свет | DW | 14.11.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турско-израелско-палестински повик за мир на Блискиот исток

Блискоисточниот мини-мировен самит во Анкара: необична и симболична слика е што во заедничка посета на Турција беа израелскиот претседател Шимон Перес и претседателот на Палестинците Махмуд Абас.

default

Перес, Ѓул и Абас

Настапот на Шимон Перес пред турскиот парламент беше историски момент – за прв пат шеф на изралската држава им се обрати на турските парламентарци. Тој искажа надеж дека наскоро може да биде склучен мировен договор и покрај демократската држава Израел да постои и држава на Палестинците: „Демократска и независна Палестина, чии граѓани ќе живеат во благосостојба. Тоа ќе го отстрани непријателството што ни штети на сите и ќе го искорени теророт“.

И претседателот на Палестинците Махмуд Абас зборуваше пред пратениците на турскиот парламент: „Почитувани пратеници, вашиот достоен за почит парламент е упориште на стабилна демократија во која се штитат слободата на мислењето и плурализмот. Тоа е пример за нас на Блискиот исток и во арапскиот свет“ – нагласи Абас. Тој и Перес искажаа согласност дека средбите во Анкара се добар предзнак за блискоисточните преговори што ќе започнат по две недели во Анаполис кај Вашингтон.

Турски проект за поттикнување на економијата кај Палестинците

Перес и Абас, заедно со претседателот на Турција Абдула Ѓул во Анкара потпишаа договор, кој треба да донесе сосем конкретна помош за Палестинците: Турција ќе подигне индустриска зона на палестинските територии и со тоа ќе ги поттикне целосно замрените стопански активности таму. „На плацовите што ни ги стави на располагање палестинското раководство во Рамалах многу бргу ќе настанат нови фабрики и продавници, во кои ќе бидат вработени илјадници Палестинци. Таму произведените продукти без царини ќе бидат извезувани во САД, ЕУ и во арапските земји“ – рече Абдула Ѓул. Според него, Турција сака да игра поголема улога како посредник за мир на Блискиот исток: „Мирот создава стабилност, а стабилноста благосостојба“, нагласи турскиот претседател.

Израел изрично го подржува проектот за индустриска зона на палестинските територии, што ќе биде подигната од турски инвеститори. Израел ќе обезбеди фирмите таму да бидат снабдувани со енергија и нема да го спречува извозот и увозот на продукти. Во комплексот ќе настанат 5 илјади работни места. Нареден таков проект потоа треба да биде реализиран и во појасот на Газа, каде во моментов главен збор води радикално-исламистичкото движење Хамас, а не палестинската автономна влада.

Томас Борман