1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Турско економско чудо

Додека ЕУ се бори со должничката криза, турската економија бележи бум. Економскиот полет ги привлекува и германските фирми. Станува ли збор за турско економско чудо?

default

Облакодерите во финансиските квартови Маслак и Левент, во 15-милионскиот Истанбул, се протегаат кон небото како џинови со стаклени мантили. Големи рекламни паноа пред градилиштата откриваат дека тука се градат нови седишта на фирми, канцеларии, банки. Според турскиот завод за статистика, Туркстат, економијата на Турција минатата година остварила пораст од 8,9 проценти. Турците во Европа беа први, а меѓу државите од Групата 20 само Кина имаше повисока стапка на пораст.

Даночните олеснувања ја поттикнаа потрошувачката

Земји во забрзан подем, како Турција, економски растат многу повеќе и побргу од индустриските држави. Но, сепак, вчудовидувачки е колку турската економија се опорави од кризната 2009 година, вели Зумрут Имамоглу од Економскиот истражувачки институт „Бетам“ на истанбулскиот универзитет „Бахчесехир“:

Берзата во Истанбул

Берзата во Истанбул

„Владата им даде на потрошувачите даночни олеснувања за многу производи, особено за автомобили и електронски апарати како фрижидери, печки или компјутери. Во текот на овие месеци потрошувачката се зголеми и тоа и‘ помогна на економијата.“

Турција мораше да ја преброди својата финансиска криза уште во 2001 година. Новата влада на Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија за правда и развој потоа го реструктуираа финансискиот сектор, ги намалија државните долгови и ја ориентираа економијата повеќе кон извоз:

„Токму ваквата модернизација, ваквата растечка конкурентност на турското стопанство во гранки кои не се, како порано, само текстил или јужно овошје, туку и автомобилска индустрија, хемија, машиноградба, челик и железо, значи една широка палета, тоа сигурно беше основата врз која можеше повторно да се фати чекор по кризата во 2008-2009 година“, вели Маркус Кнуп, претставник за Турција на државното Друштво за поттик на економија насочена кон извоз, Џермани Трејд енд Инвест (ГТАИ).

Младото население е значаен фактор

Кнуп наведува дека економскиот полет бил поттикнат и од младото население, ориентирано кон потрошувачка. Во Турција живеат околу 75 милиони луѓе, од кои половината се помлади од 30 години. А тие имаат повеќе пари во џебот - приходот по глава на жител денес е речиси четири пати поголем отколку пред осум години, вели статистиката.

Силниот внатрешен пазар и политичката стабилност привлекуваат се‘ повеќе странски капитал на Босфорот.

Вчудовидувачки е колку турската економија се опорави од кризната 2009 година

Вчудовидувачки е колку турската економија се опорави од кризната 2009 година

„Овде можат да се видат се‘ повеќе познати брендови од Германија, но и консултанти, адвокатски канцеларии итн. Има и поголем број мали и средни претпријатија кои се осмелуваат да направат чекор во Турција.“

Во Турција, на крајот на 2010 година, беа регистрирани околу 4.300 германски претпријатија, со тренд на пораст.

„Придонесите на плати во Турција се, се разбира, помали отколку во Германија, но земјата веќе не е евтина. Таа во меѓувреме е толку развиена, што може да се реализира и покомпликувано производство.“

Пример за тоа е германскиот производител на камиони и автобуси - МАН. Во Анкара концернот склопува патнички автобуси и од таму ги извезува во над 40 земји. Интерес за Германија пројавуваат и турските фирми. Така, во 2007 година концернот Кок го купи германскиот производител на телевизори Грундиг.

Кризите во соседството кочат

Младото население троши повеќе, што, пак, ја поттикнува економијата

Младото население троши повеќе, што, пак, ја поттикнува економијата

Сепак, постојат и предупредувачки гласови. Дел од набљудувачите стравуваат дека како последица на брзиот економски развој цените и стапката на инфлација би можеле да излезат од контрола. Улога играат и кризите во соседството. Имамоглу оценува:

„Поради кризата, побарувачката од Европа за турски производи се намали за 26% во текот на изминатата година. Затоа турските претпријатија почнаа да извезуваат повеќе на Блискиот Исток и Северна Африка, но најновите немири во Египет, Либија, Тунис и Сирија му нанесоа штети на извозот.“

Годинава, како што проценуваат аналитичарите, турското стопанство ќе порасне за 4,6%. За споредба - во еврозоната се смета со пораст помал од 2%.

Автор: Јулија Хан / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски