1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турски пијанист на суд поради навреда на Исламот

Турскиот пијанист и композитор Фазил Сај судски ќе одговара поради навреда на исламот. Критичарите на власта сметаат дека и овој случај го покажува дефицитот на Турција во однос на слободата на изразување на мислење.

Во април годинава (2012) Сај преку твитер испратил повеќе коментари во кои се подбива со исламот. На пример, тој го поставува прашањето зошто некој повик на оџата на молитва трае само 22 секунди и дали тоа не е можеби така оти тој брза кај љубовницата или кај шишето ракија. Или, имајќи ги предвид исламските претстави за рајот како место во кое течат реки со вино, а верниците ги очекуваат девици, Сај праша дали е рајот кафеана или бордел.

Против Сај некој граѓанин поднесол кривична пријава, а обвинителството во Истанбул поведе истрага и на почетокот на јуни поднесе обвинение против 42-годишниот пијанист и композитор. Обвинението е за „навреда на религиозните вредности“, а обвинителството бара казна затвор од една ипол година. Сај најверојатно не ќе мора да оди в затвор дури судот и да го прифати барањето на обвинителството, оти во Турција сите казни под две години затвор вообичаено се условни. Но, Сај би се водел како казнуван - поради изнесеното мислење.

Сај е познат како критичар на режимот

Сај не е било кој музичар, туку најзначајниот современ турски композитор на класична музика и меѓународно афирмиран пијанист. Но, тој е и остер критичар на конзервативно-религиозно ориентираната влада на премиерот Ердоан. Како деклариран атеист, тој смета дека е катастрофа за Турција што во владата има набожни муслимани и веќе почесто гласно размислува да се отсели од земјата.

На музичарот, кој осум години студирал во Диселдорф и Берлин и настапувал на концерти во целиот свет, крајно сомнителни му се и конзервативните избирачи на Ердоан во Анадолија. Пред неколку години тој предизвика јавно негодување жигосувајќи ја на многумина Турци омилената музика како израз на „пролетаријатство“, што му раѓа срам.

Загриженост за имиџот на Турција

Поради сево ова Сај не може да смета на подршка од државата во процесот против него, но од интелектуалните кругови дојде бран од солидарност. Една акција во интернет за подршка на Сај досега ја потпишаа речиси 8 илјади луѓе.

Инаку, Сај го отфрла обвинението, велејќи дека тој само ги препратил коментарите на други корисници на твитер како „ре-твит“, но само против него е подигнато обвинение. Дури и коментатори кои инаку се критички настроени спрема Сај, го сметаат судскиот процес за скандал. Се искажува загриженост дека обвинението ќе му наштети на меѓународниот имиџ на Турција.

Fazil Say - Pianist

Фазил Сај

ЕУ го критикува ограничувањето на слободата на изразување мислење

Тие потенцијални штети за имиџот се закануваат во време во кое Турција и онака е изложен на се4 посилна критика. Минатата недела ЕУ во најновиот извештај за напредокот искажа „сериозна загриженост“ со оглед на се’ поголемото ограничување на слободата на изразување мислење. Владата во Анкара ја отфрли таа критика.

Но, факт е и дека судиите и обвинителите во Турција многу рестриктивно ги толкуваат постоечките закони. Тие често пати правото на слободно изразување на мислење и’ го подредуваат на идејата за заштита на државата и на казнувањето за наводни вербални напади врз општествениот мир. Останува да се види дали ќе биде така и во случајот со Фазил Сај.