1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турски незаконски „излет“ во Ирак

Турската армија ја прошири офанзивата против ПКК на северот на Ирак. Покрај воздушните напади во операцијата учествуваат и 22 баталјони со околу 15.000 војници. За експертите тоа е кршење на меѓународното право.

default

Турски оклопни транспортери во пограничниот предел меѓу Турција и Ирак

Веќе воената операција што е во тек, а уште повеќе најавите за трајно присуство на турската армија во пограничниот појас меѓу Турција и Ирак, претставуваат кршење на меѓународното право, тврди професорот Удо Штајнбах од Универзитетот во Хамбург. „Операцијата на турската армија може да има некаков смисол од политичка гледна точка, но меѓународно правна основа за таквиот чекор нема. Нејзе би ја имало само доколку централната власт во Ирак ја одобрил воената операција на нејзина територија. Информации за таква согласност меѓутоа нема!“

Нема одобрување од Ирак

Напротив, тврди професорот Штајнбах, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Турција и на Ирак, Ахмет Давутоглу и Хошијар Зебари, кој патем и самиот е Курд, изгледаше повеќе како кавга, отколку како согласност.

Türkei PKK Irak Attacken

Во офанзивата учествуваат и воени хеликоптери

А тврдењата на турската влада дека таа има билатерални спогодби околу гонењето на припадниците на ПКК со регионалната власт во Северен Ирак, кој е доминатно населен со Курди, исто така нема тежина од меѓународно правна гледна точка. Турција, имено, од секогаш се противеше да признае каква и да е форма на државност на Курдите во Северен Ирак, па затоа сега нема смисла да се повикува на договори со тамошната регионална власт кои би и’ дале меѓународно-правна легитимација на воената операција. Патем, тоа би било дури и индиректно зголемување на важноста на регионалната власт во Северен Ирак, населен со Курди, тврди професорот Удо Штајнбах.

Проблеми со имиџот

Според него, воената операција на турската армија на ирачка територија е многу лоша и за имиџот на Турција во арапскиот свет, каде таа во последно време се обидува да се профилира како еден вид пример.

Deutschland Udo Steinbach Direktor des GIGA Instituts für Nahost-Studien

Професорот Удо Штајнбах

Официјална Анкара ја критикуваше своевремено воената операција на израелската армија во Појасот Газа од 2008 година. Но, и израелската влада како оправдување за операцијата наведуваше ракетни напади на палестински екстремисти врз израелската територија, слично на аргументацијата на сегашната турска влада дека операцијата против борците на ПКК има за цел да го заштити домашното население.

Ако операцијата во Северен Ирак продолжи, централната власт во Багдад би можела да побара за воената агресија на соседната земја да се расправа пред Советот за безбедност на ОН. Евентуална осуда на Турција би можела да има далекусежни штети за турскиот имиџ во арапската јавност и особено во тамошните движења кои се борат за слобода од угнетување. Тоа би било многу контрапродуктивно за актуелниот политички курс на владата на Реџеп Таип Ердоган, која се обидува да се прикаже токму како голема регионална сила и дури како предводник во арапскиот свет.

Автор: Челик Акпинар / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацескa