1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Турската економија во брза експанзија

Во изминатите десет години ниедна европска економија немаше толку брз пораст, колку турската. Во вториот квартал лани стапката изнесуваше 10 проценти. Бројките нема да останат толку високи, но сепак се вчудовидувачки.

default

Турската валута лирата

Високите бројки на раст на турската економија се должат и на ниското ниво од кризното време пред тоа, но сепак Турција денес побргу би ги исполнила критериумите за воведување на еврото, отколку најголемиот дел земји кои се веќе во еврозоната.Турците денес заработуваат четири пати повеќе, отколку пред осум години, имаат многу повеќе пари за трошење - и тоа се забележува:„Стопанството напредува. Во моментов е многу динамично. Се надеваме дека така и ќе остане, дека муштериите и натаму ќе купуваат цвеќе. Изгледите се добри“, оценува Мустафа Кексал, продавач на цвеќе од Анкара.

Нова самоувереност

Во главниот град се шири мрежата на подземната железница - проект вреден милијарди. Подемот се чувствува насекаде, и покрај неодамнешната финансиска и стопанска криза. Турција доживеа пад на банките уште во 2001 година; во меѓувреме го преобрази својот финансиски сектор. Свежо санираните банки денес се во добра положба.

06.01.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT REPORTAGE Türkei

Свежо санираните турски банки се во добра положба

Во земјата се шири нова самоувереност. Осумгодишната политичка стабилност и стабилната турска лира привлекуваат се’ повеќе инвеститори. Европската унија и натаму е најважен трговски партнер, но се приклучија и други, нагласува Рифат Хисарчиклиолу, претседател на турската Берзанска и трговска комора.„По Германија доаѓа нашиот северен сосед Русија. Таа е важен трговски партнер. Ние профитираме од нашата географска положба. Најновата криза доведе до таму, сега повеќе да свртиме поглед кон други региони, кои порано не беа толку интересни за нас. На пример, Средниот Исток и Северна Африка“.

Многу знаци дека Турција се менува

Од географската позиција на Турција профитираат и германските претпријатија. На пример, производителот на товарни возила и автобуси МАН (ем-а-ен), кој таму ја има својата најголема фабрика за автобуси. Од халите со површина од 320 илјади квадратни метри секој ден излегуваат осум автобуси за градски или меѓуградски сообраќај. Тие се извезуваат во 50 земји, многу од нив во Германија и Русија. Секој десетти автобус останува во Турција. Многу од нив се со погон на гас. И тоа е еден знак дека Турција се менува.

Автор: Бетина Тома / Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски