1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Турската дилема за Либија

Во март, Турција се спротивстави на воената акција во Либија и со недели водеше дијалог со либискиот лидер Моамер Гадафи за да ги осигура турските интереси. Но, минатата недела Анкара ги прекина врските со Триполи.

default

Претседателот на Либија, Моамер Гадафи го губи сојузникот, Турција.

Турција со големата промена на политиката официјално го призна Советот воден од бунтовниците во Бенгази. Сега, турската влада дава целосна поддршка на бунтовниците и сака влијание врз иднината на земјата.

Одржувањето на состанокот на Меѓународната контакт група во Турција околу иднината на Либија, ја обележува амбицијата на Анкара - повеќе да и ‘се слуша гласот за иднината на Либија. Турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, на 3-ти јули го посети упориштето на бунтовниците во Бенгази и направи турнеја низ главните градови во регионот пред денешниот (15.07) состанок во Истанбул. Давутоглу има за цел да придонесе за наоѓање решение, ставајќи крај на судирите пред почетокот на муслиманскиот свет месец Рамазан во август.

„Турскиот план е подготвен“, вели за Дојче веле високиот турски дипломат Селим Јенел, без да даде понатамошни детали. „Некои главни теми на истанбулскиот состанок ќе бидат актуелната ситуација, перспективите на пост-Гадафи ерата и финансиската поддршка на групата од Бенгази“, додава Јенел.

Türkei Libyen Davutoglu Bengasi

Министерот за надворешни работи на Турција, Давутоглу во Бенгази.

Планот на Анкара има за цел веднаш да запре огнот и да се постигне договор меѓу Триполи и Бенгази, што вклучува целосен пристап до хуманитарната помош, а либиските војници да се повлечат од градовите. Но, турската политика се менуваше во минативе три месеци и тоа го става под прашалник исходот од напорите на Анкара.

Заглавени меѓу Триполи и Бенгази

Турската влада првично се противеше на воената акција против Либија, обвинувајќи ја посебно Франција за „туркање“ на скриена агенда за да преземе контрола врз богатите резерви со нафта на земјата.

Анкара зазеде „почекај и види“ - став и се воздржа од изолирање на Триполи, но во исто време одржуваше контакти на пониско ниво со бунтовничката опозиција.

Улуч Озулќер, поранешниот турски амбасадор во Либија, вели дека економските интереси и посебните карактеристики на турско-либиските врски ја спречувале Анкара да заземе поцврста позиција против Гадафи во почетните фази на кризата.

Türkei Istanbul Moschee

Турција почувствува дека е исклучена од случувањата во Либија, му го заврте грбот на Гадафи и ја промени политиката.

„На почетокот од кризата, Турција таму требаше да ги заштити турските бизниси и турските работници. Анкара требаше да евакуира илјадници турски граѓани од Либија“, вели Озулќер. „Втор фактор за турското двоумење беше нејзиното искуство. Турција ја знае силата на Гадафи и се двоумеше дали бунтовниците ќе добијат поддршка низ земјата. И, трето, Турција и Либија историски имаат многу силни врски. Луѓето од двете земји се гледаат меѓусебе како браќа. Под овие услови, Турција мораше да чека и да види, пред да заземе јасна страна“, додава Озулќер.

Пред кризата, Либија беше една од водечките економски партнери на Турција. Турските компании беа вклучени во градежни проекти вредни 15 милијарди долари, или 10,5 милијарди евра, а околу 25.000 Турци работеа во земјата.

Турското вртење

Неделите со обиди да се дојде до решение со Гадафи, на крајот не вродија со плод. Турската поддршка за операцијата на НАТО го прекина дијалогот со Триполи, додека непријателскиот пристап кон Бенгази доведе до големи фрустрации меѓу либиските бунтовници.

Анкара се почувствува исклучена од случувањата кои можат да и‘ дадат форма на иднината на Либија и минатата недела направи полукружно свртување, признавајќи го Бенгази и застанувајќи зад бунтовниците, како и со објавувањето поддршка од 300 милиони американски долари за Националниот преоден совет.

Турските власти велат дека поблискиот ангажман околу Бенгази има за цел да постигне мир и стабилност во земјата, додека економските интереси биле второстепено прашање. Јенел ги отфрла обвинувањата дека Турција и некои западни центри на моќ се натпреваруваат за иднината на земјата и нејзините економски ресурси.

„Турција спроведува многу активна надворешна политика. Но, ќе биде погрешно ако тоа се опише како нео-отоманизам. Никогаш не сме имале таков сон“, вели за Дојче веле Јенел. „Не се натпреваруваме со никого. Навистина сакаме да ја видиме Либија стабилна. Она што е значајно, е крајот на воениот конфликт, за Либија да достигне стабилност и просперитет“.

Економски и политички предизвици

Турските компании и работници беа приморани да заминат од Либија кога започна конфликтот, но во процесот на постконфликтна обнова тие очекуваат повторно да станат водечки изведувачи, посебно во делот на градежништвото.

Ahmet Davutoglu NO FLASH

Давутоглу сака судирите во Либија да престанат пред почетокот на муслиманскиот свет месец, Рамазан.

Неодамнешната посета на Бенгази на министерот за надворешни работи, Давутоглу и повторно заживеаните разговори за економија и трговија со Советот воден од бунтовниците, ги подигнаа надежите на турските изведувачи и бизнисмени. Министрите за финансии и нафта во Националниот преоден совет го придружуваа Давутоглу во неговиот приватен авион на летот кон Анкара и имаа разговори со нивните турски колеги.

Поранешниот амбасадор Озулќер рече дека е тешко да се постигне сеопфатно политичко решение за Либија на краток рок, додавајќи дека турските бизнисмени ќе се соочуваат со се‘ повеќе и повеќе предизвици. Како и да е, тој верува дека потегот на турската влада, за поблиски врски со Бенгази, е потег во вистинска насока.

„Порано или подоцна, Либија ќе излезе од оваа моментална состојба. Посебно во градежниот сектор, турските компании ќе си ги заземат нивните позиции. Турските градежни компании се неопходни во Либија“, вели Озулќер.

„Како и да е, во смисла на секторите водени од висока технологија, веројатно е дека турските компании ќе се соочуваат со се‘ повеќе и повеќе тешкотии, поради влијанието на САД, Франција или Велика Британија“, вели тој. „Од економска и политичка перспектива, најновиот ангажман на Турција во Бенгази е вистински чекор. Анкара доцнеше со тоа, но тоа дефинитивно е вистинскиот чекор“, заклучува Озулќер.

Автор: Ајхан Шимшек/ Александар Методијев

Редактор: Борис Георгиевски