1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Турново загуби, но има реални шанси за конечен триумф

Фудбалерите на Хоризонт Турново загубија во првиот натпревар од второто претколо во Лига Европа од Хајдук од Сплит. Реваншот се игра во Скопје.

default

Единствениот македонски претставник во 2. коло од квалификациите за Лига Европа, екипата на Хоризонт Турново вечера (18.07) загуби од Хајдук со 2:1, но според прикажаната игра и минималниот пораз, има шанси на реваншот да го елиминира фаворизираниот противник.

На празниот „Пољуд“ поради казната на сплитскиот тим Турново не го отвори дуелот според очекувањата и веќе по осум минути губеше со 1:0. Марко Бенцун беше највисок во скокот по нафрлената топка од Пашалиќ и го постигна првиот гол за Хајдук.

Дејан Блажевски по само пет минути можеше да изедначи. Тој не искористи ситуација еден на еден со домашниот голман Калиниќ, се обиде да исценира прекршок и доби жолт картон.

Тоа што го пропушти во 13, Блажевски го реализира во 45+1.минута од пенал по играта на Коуаси со рака во својот шестнаесетник.

Во второто полувреме Турново одигра многу похрабро во нападот, создаде и две шанси за водство преку Балдовалиев и Блажевски, а казната за промашувањата стигна во 80. минута кога Марио Малоча им донесе победа на „сплитските били“.

Тренерот на Хоризонт Турново Шефки Арифовски не беше премногу разочаран.

„Натпреварот беше неизвесен. За некого, можеби нашата игра беше изненадување, но за нас не. Реков дека ќе одиме на победа или нерешено. Тоа и ќе остваревме да не погрешивме во финишот на мечот“, рекол Арифовски за „index.hr“.

„Морам да бидам искрен и да кажам дека повеќе очекував од Хајдук, но треба да се разбере дека ова е тим составен од тинејџери, кои допрва ќе созрее. Белите доминираа, но беа премногу наивни. Нивната игра апсолутно ни одговараше и жалам што не ја искористивме подобро“, дополнил Арифовски.

Реваншот ќе се одигра по седум дена во Скопје.